ПРВ.мк
Свет

САЈБЕР-НАПАД ВО СЕДУМ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ: Хакери ги загреале замрзнувачите во супермаркетите, загубите достигнуваат стотици илјади евра!

САЈБЕР-НАПАД ВО СЕДУМ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ: Хакери ги загреале замрзнувачите во супермаркетите, загубите достигнуваат стотици илјади евра!

Десетици супермаркети во седум европски земји се најдоа на мета на сајбер-напад, при што биле компромитирани системите за ладење, односно фрижидерите и замрзнувачите во продавниците. Последиците од нападот предизвикале сериозни проблеми, а во одредени објекти температурите во уредите за замрзнување наводно достигнале и до 50 степени Целзиусови.

Најголем број погодени продавници има во Белгија и Луксембург, каде што биле засегнати околу 40 супермаркети од синџирот „Делез“. Помал број објекти пријавиле проблеми и во Шведска, Ирска, Холандија, Естонија и Финска.

Белгиската компанија „Сабкобел“, која произведува дел од погодените уреди за ладење, соопшти дека испарувачите во фрижидерите биле префрлени во режим на одмрзнување. Поради тоа, наместо да ја одржуваат потребната ниска температура, уредите почнале да се загреваат.

Според досегашните сознанија, нападот бил изведен со метод сличен на оној што беше забележан минатиот месец во Франција, кога стотици супермаркети се соочија со слични проблеми. Тогаш, според извештаите на локалните медиуми, морало да биде фрлена храна во вредност од милиони евра.

Стефан Моеланс, извршен директор на „Сабкобел“, компанијата што управува со системите на „Делез“, во понеделникот за белгиската новинска агенција „Белга“ потврдил дека станува збор за сајбер-напад. Тој објаснил дека вработените работеле во текот на целата ноќ и утрото за да ги исклучат погодените уреди од мрежата.

Моеланс навел дека по нападот во Франција, кој се случил на почетокот на октомври, компанијата започнала активности за заштита на фрижидерите на своите клиенти од откриената ранливост. Сепак, за отстранување на проблемот биле потребни физички измени на уредите, а не само инсталирање софтверски ажурирања.

Проблемот е особено значаен затоа што повеќето супермаркети во Европа ги имаат поврзано своите системи за ладење на интернет. Таквата поврзаност овозможува уредите да се одржуваат и да се отстрануваат дефекти од далечина, но истовремено создава и можност за нивно злоупотребување доколку безбедносната заштита не е соодветна.

Како едно од наједноставните решенија Моеланс ја посочил можноста управувањето со фрижидерите да се врши преку безбедна интернет-врска. Тој додал дека голем дел од клиентите на компанијата се префрлиле на ваков начин на поврзување по нападот во Франција.

Финансиските последици веќе се чувствуваат во одредени продавници. Една филијала на „Делез“ во Хоиларт, во Фландрија, северниот дел на Белгија, за информативниот портал „Хет латсте ниеус“ соопштила дека претрпела загуба на стока проценета на околу 100.000 евра.

Менаџерот на продавницата посочил дека станува збор само за вредноста на изгубената стока, без да бидат пресметани дополнителните финансиски последици од затворањето на објектот и прекинот на работењето.

Случајот предизвика внимание и надвор од Европа. Во Соединетите Американски Држави, надлежните институции истражуваат што ги предизвикало дефектите во системите за ладење во повеќе американски воени бази во текот на август. Американските власти истовремено соработуваат со претставници од Франција за да утврдат дали овие инциденти би можеле да бидат поврзани.

Националните агенции за сајбер-безбедност на Белгија и Шведска соопштиле дека внимателно го следат случајот.

Британскиот Национален центар за сајбер-безбедност, пак, информирал дека соработува со меѓународните партнери и претставниците на индустријата за целосно да ги разјасни околностите и деталите на нападот. Засега, во Обединетото Кралство не се пријавени слични инциденти.

Истрагите треба да дадат одговори за начинот на кој биле компромитирани системите за ладење, како и дали нападите во различните земји имаат заедничка позадина. Во меѓувреме, погодените супермаркети се соочуваат со загуби на стока и дополнителни трошоци поради прекините во работењето.

Најнови вести