Голем дел од јавните и државните институции во Велес сè уште не обезбедуваат соодветен пристап за лицата со попреченост, а дополнителен проблем е и недостигот на информации за тоа кои објекти ги исполнуваат потребните услови. Од вкупно 80 јавни и државни институции во градот, само 20 одговориле на прашалникот со кој се проверувала нивната пристапност.
Податоците биле собрани во рамките на проектот „Велес – право за сите“, кој шест месеци се реализирал со финансиска поддршка од фондовите на Европската Унија. Проектот го спроведува Фондацијата „Импакт Нет“, со учество на средношколци од четири училишта во градот.
Како резултат на активностите биле создадени регистар за пристапност на институциите и мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат полесно да се информираат за условите во јавните објекти.
Пристапноста е означена со бои како на семафор
Во регистарот институциите се означени според степенот на пристапност, со систем на бои сличен на семафор: црвената означува дека објектот е непристапен, жолтата дека е делумно пристапен, а зелената дека ги исполнува условите за целосна пристапност.
Постои и сина ознака, која ги опфаќа сите шест модули од прашалникот. Проверката не се однесува само на физичките бариери за лицата со телесна попреченост, туку и на условите за граѓаните со оштетен вид и слух.
Меѓу прашањата што биле опфатени се дали институциите имаат лифт, пристапна патека и паркинг за лицата со попреченост, како и дали располагаат со пристапен тоалет, ракофати, тактилни патеки, звучна сигнализација и толкувач на знаковен јазик.
„Пристапноста е обележана со боите на семафорот: црвено – непристапно, жолто – делумно, зелено – целосно пристапно. Имаме и сина боја, која ги опфаќа сите шест модули од прашалникот, не само за лицата со физички, телесен инвалидитет, туку и за проблемите на граѓаните со видот и слухот, дали институцијата има лифт, пристапна патека, паркинг за овие лица, дали имаат тоалет, ракофати, дали има дактилни патеки, звучна сигнализација и дали институциите имаат толкувач на знаковен јазик“, објасни Александра Димитриоска.
Кои институции во Велес се означени како целосно пристапни?
Меѓу објектите со зелена ознака, односно со целосна пристапност според направената проценка, биле наведени основното училиште „Васил Главинов“, гимназијата и хемиското средно училиште, кои се наоѓаат во иста зграда.
На списокот се и Здравствениот дом, болницата, црквата „Св. Кирил и Методиј“, Железничката станица и Основниот суд.
Сепак, како пристапни не биле означени Правобранителството и Јавното обвинителство.
Дополнителен проблем е и тоа што семафорите во Велес немаат звучно обележување, што им го отежнува самостојното движење на лицата со оштетен вид.
Нема пристапни тоалети и лифтови во голем дел од институциите
Проектот бил реализиран со помош на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес. Неговата цел е да се утврди кои јавни институции се недостапни поради физички бариери, но и да се подобри пристапноста за родителите со мали деца кои користат колички, како и за граѓаните на кои им се потребни помагала при движењето.
Во градот сè уште има многу јавни објекти без пристапни рампи, лифтови и соодветно уредени влезови. Поради тоа, лицата со попреченост, оние со ограничена подвижност и граѓаните кои користат инвалидски колички се соочуваат со сериозни пречки при обидот да ги користат услугите на институциите.
Раководителот на проектот, Стефче Дечев, ги презентирал и податоците од спроведената анализа, кои укажуваат на повеќе недостатоци во јавните објекти.
„Долгогодишна е борбата на лицата со попреченост да стигнат до јавните институции. Статистиката вели дека 43 отсто од институциите немаат пристапен тоалет и немаат лифт, во ниту една институција нема табла со информации на Брајово писмо, 71 отсто немаат пристапна патека, а 57 отсто од вработените немаат искуство во работа со дефибрилатор. Нив ги нема во ниту една институција, освен во Службата за итна помош и во болницата. Важно е што воспоставивме база на податоци која може да се надградува“, изјави Дечев.
Околу 100.000 граѓани во Македонија имаат одредена попреченост
За време на презентацијата биле изнесени и податоци за лицата со попреченост во Македонија. Според презентираната статистика, околу 94.800 лица имале одредена попреченост, додека 2.500 граѓани имале оштетен вид или слепило, а повеќе од 6.000 имале оштетен слух.
Вкупно станува збор за околу 100.000 граѓани. Доколку во оваа бројка се вклучат и членовите на нивните семејства кои им помагаат во секојдневниот живот, бројот на засегнати граѓани достигнува околу 200.000.
Податоците дополнително ќе се проверуваат
Еден од важните аспекти на проектот е тоа што институциите самостојно ја оценувале сопствената пристапност преку прашалникот. Сепак, доставените одговори сега се проверуваат за да се утврди дали пријавената состојба навистина одговара на условите што постојат во објектите.
Целта е да се утврди дали институциите реално ги исполнуваат критериумите за пристапност, а не само дали во прашалниците се изјасниле дека ги имаат потребните услови.
Со воспоставувањето на регистарот и мобилната апликација, за првпат се создава база на податоци која ќе може да се надградува и да помогне во идентификувањето на пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост при пристапот до јавните институции во Велес.
ИЗВОР: П. ПЕЧКОВ



