Учениците од IV одделение при ООУ „Гоце Делчев“ – Кавадарци, во придружба на своите наставници, остварија непосредна средба со градоначалникот на Општина Кавадарци. Преку овој интерактивен настан, најмладите на забавен и практичен начин се запознаа со работата на локалната самоуправа и улогата на првиот човек на градот.
Со голема љубопитност и детска искреност, учениците поставуваа прашања, споделуваа свои размислувања и дознаа како функционира нивната општина, како се носат важните одлуки и на кој начин се решаваат потребите на кавадарчани.
Средбата помина во пријатна атмосфера, исполнета со насмевки, отворен разговор и нови сознанија. Четвртоодделенците имаа можност теоретското знаење од училишните клупи директно да го поврзат со реални примери од секојдневниот живот во Кавадарци.
Ваквите активности се од голема важност бидејќи ги поттикнуваат најмладите да размислуваат, да прашуваат и уште од најрана возраст да ја градат својата граѓанска свест и љубов кон родниот град.



