Најмалку 24 лица загинале, а петмина се повредени во руски напад врз Запорошката област во југоисточна Украина, според информациите што ги пренесува украинската агенција Укринформ.
Нападот бил насочен кон образовна установа во местото Комишуваха, која, според украинските власти, се користела како засолниште и центар за распределба на хуманитарна помош.
Меѓу загинатите, според објавените информации, се двајца припадници на спасувачките служби и четворица полицајци.
Повредени се уште пет лица, меѓу кои и двајца спасувачи.
Спасувачките екипи продолжуваат со расчистување на урнатините и потрага по евентуални преживеани.
Зеленски: Русија продолжува да убива луѓе
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го осуди нападот, обвинувајќи ја Москва дека наместо да преземе чекори за намалување на тензиите, продолжува со воените дејства.
„Ако Русија навистина сакаше деескалација, постоеше можност по ситуацијата во Олешки да продолжат хуманитарните активности. Ние го предложивме тоа, но Русија продолжува да убива луѓе“, изјави Зеленски.
Објектот се користел за хуманитарна помош
Зеленски претходно изјавил дека руската страна морала да знае дека нападнатиот објект се користи како засолниште и место за распределба на хуманитарна помош.
Според украинските власти, нападот предизвикал големи човечки загуби, а спасувачките операции продолжуваат.
Бројот на жртвите би можел да се промени по завршувањето на потрагата под урнатините.









