ПРВ.мк
Македонија

ПЕРПАРИМ БАЈРАМИ ИЗЛЕГУВА ОД ПРИТВОР: Судот прифати гаранција од над 1,1 милион евра, еве кои мерки ќе мора да ги почитува!

ПЕРПАРИМ БАЈРАМИ ИЗЛЕГУВА ОД ПРИТВОР: Судот прифати гаранција од над 1,1 милион евра, еве кои мерки ќе мора да ги почитува!

Првообвинетиот во случајот „Лотарија“, Перпарим Бајрами, ќе биде пуштен од притвор откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција во недвижен имот, проценета на 1.140.781 евро.

Одлуката била донесена по барање на одбраната на Бајрами, поднесено на 14 октомври, со кое се барало мерката притвор да биде заменета со гаранција. Судот го прифатил предлогот, но покрај гаранцијата му определил и дополнителни мерки на претпазливост.

Така, на Бајрами ќе му биде одземена патната исправа, ќе му биде забрането издавање нова исправа за преминување на државната граница, а ќе има и обврска редовно да се јавува во Судот.

Против него на 13 август бил поднесен обвинителен предлог за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, за кое е предвидена затворска казна до пет години.

Притворот му бил определен откако бил пронајден и лишен од слобода, бидејќи претходно не им бил достапен на органите на прогонот.

На 9 септември обвинетиот сам се пријавил на издржување на мерката притвор во затворот „Скопје“. Законскиот рок за нејзиното траење истекува на 8 ноември, односно за пет дена.

Надлежниот јавен обвинител, како и останатите странки во постапката, се откажале од правото на жалба, поради што судското решение станало правосилно.

Сепак, Бајрами нема веднаш да биде ослободен. Неговото пуштање од затворот ќе следува откако гаранцијата ќе биде формализирана преку впишување на хипотеката во Катастарот на недвижности.