ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“: Боки 13 ослободен од обвиненијата по години судење!

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“: Боки 13 ослободен од обвиненијата по години судење!

Апелациониот суд во Скопје донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски, познат како Боки 13, во предметот „Меѓународен сојуз“. Со оваа одлука, второстепениот суд ја преиначил претходната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, со која Јовановски беше осуден на пет години затвор.

Според информацијата што ја објави неговиот адвокат Сашко Дуковски, ослободителна пресуда добиле и другите обвинети во истиот предмет.

Дуковски ја соопшти одлуката преку објава, во која ја поздрави пресудата и порача дека правдата, иако бавна, сепак е достижна.

„Ете, правдата е спора но достижна! Апелациониот Суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот ‘Меѓународен сојуз’. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од 5 години!!“, напиша адвокатот.

Одлуката претставува значаен пресврт во судскиот процес кој со години се водеше против Јовановски и повеќе други обвинети за наводни финансиски злоупотреби поврзани со невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Во текот на претходната постапка, Апелациониот суд веќе ја потврди ослободителната пресуда за поранешната пратеничка Фросина Ташевска-Ременски. Во меѓувреме, првичните пресуди за дел од останатите обвинети беа укинати, а предметот беше вратен на повторно судење.

По повторената постапка, во октомври 2025 година, Бојан Јовановски беше осуден на пет години затвор за кривичните дела измама и перење пари. Но, со најновата одлука, Апелациониот суд ја преиначил таа пресуда и донел ослободителна одлука.

Адвокатот Дуковски ја поздрави одлуката, оценувајќи дека по лошо обвинение следува ослободителна пресуда.