ПРВ.мк
Македонија

НОВ ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ „ПУЛС“: БРАТОТ НА ГАЗДА ДЕКО ОБВИНЕТ, А АДВОКАТОТ ТВРДИ ДЕКА БИЛ САМО ПРОДАВАЧ НА БИЛЕТИ

НОВ ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ „ПУЛС“: БРАТОТ НА ГАЗДА ДЕКО ОБВИНЕТ, А АДВОКАТОТ ТВРДИ ДЕКА БИЛ САМО ПРОДАВАЧ НА БИЛЕТИ
Kristal

Братот на сопственикот на дискотеката „Пулс“, Тодор Јованов, кој во случајот „Кочани“ се наоѓа како петтообвинет, денеска преку својот адвокат излезе со нова одбрана. Според обвинението, неговата улога во ноќта на трагичниот пожар била поврзана со продажба на билети на влезот во дискотеката, но Обвинителството навело дека тој имал и одговорност во безбедносните процедури на објектот.

Неговиот бранител Александар Новаковски истакна дека Јованов не бил ниту одговорно лице во фирмата, ниту имал овластување да врши контрола на посетителите. Тој нагласи дека обвинението погрешно го ставило во контекст со сопственикот на локалот и со институциите одговорни за безбедноста, без притоа да има правна основа за такво поврзување.

Новаковски посочи дека доставил докази со кои, како што тврди, се докажува дека Јованов никогаш не бил во работен однос како лице со одговорност во фирмата. Освен тоа, предложил и сведоци кои треба да ја потврдат оваа позиција. Тој додаде дека обвинението содржи нејасни формулации и несовесно поврзани дејствија, што според него отвора сериозни дилеми за валидноста на правната квалификација.

Адвокатот објасни дека обвинението се темели врз делото „предизвикување општа опасност“, но според него мора да постои докажана конкретна опасност и поврзаност меѓу неговите дејствија и последицата. Новаковски истакна дека продажбата на билети не може да доведе до создавање ризик од пожар, ниту пак да има елемент на кривично дело што му се става на товар.

Тој исто така укажа дека времето на извршување на кривичното дело не е точно утврдено, што според него е клучен правен елемент за вакво обвинение. Во продолжение додаде дека обвинетиот не може да одговара за последици кои се случиле независно од неговите активности.

Во својата изјава, адвокатот потсети дека Јованов активно помагал при евакуацијата на младите во текот на пожарот и дека во целиот хаос била присутна и неговата ќерка, која претрпела сериозни повреди со трајни последици.

Според него, обвинетиот не само што не бил свесен за можната трагична последица, туку и не можел од неговата позиција да ја претпостави или спречи. Новаковски најави дека во текот на процесот ќе докаже дека дејствијата на Јованов немаат никаква причинско-последична врска со настанатиот пожар, ниту со трагичниот исход.

FixCredit
Atensa 300
Escape