Недостиг на бензин е забележан на дел од бензинските станици на „Газпром њефт“ во Москва, откако Московската рафинерија за нафта во Капотња беше погодена во ноќен напад со украински дронови, известуваат руски медиуми.
Новинар на рускиот портал „МСК1“ проверил неколку бензински станици на мрежата во московската населба Гољаново. На една од станиците во моментот на посетата немало бензин.
Вработен на бензинската станица изјавил дека претходно добиле инструкции да постават известување со ограничување на продажбата до 30 литри бензин по автомобил. Подоцна, сепак, горивото целосно исчезнало од станицата.
„Сега чекаме да го донесат. Засега не ни кажале кога ќе пристигне“, изјавил вработениот.
Претходно, рускиот телеграм-канал „Раньше всех, ну почти“ објавил дека наутро на бензинските станици на „Газпром њефт“ во Москва било воведено ограничување од 30 литри по возило. Само еден ден претходно, според истиот извор, дозволената количина била двојно поголема.
Од телефонската линија на компанијата, која ограничувања во продажбата на бензин во Москва вовела уште пред еден месец, не било дадено конкретно објаснување за новото ограничување кое се појавило на повеќе локации.
Од „Газпром њефт“ сепак навеле дека условите може да се разликуваат во зависност од бензинската станица. Како пример била посочена станица во московската населба Јужно Чертаново, каде што ограничувањето изнесувало 40 литри по автомобил.
Московската рафинерија за нафта во Капотња беше погодена во ноќта меѓу саботата и неделата во напад со украински дронови. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека неколку беспилотни летала стигнале до подрачјето на рафинеријата, при што бил оштетен еден објект. Во комплексот биле регистрирани и повеќе пожари.
Рафинеријата има номинален капацитет за преработка на до 14 милиони тони сурова нафта годишно и претставува еден од значајните извори за снабдување со гориво на Москва.
Украинскиот Генералштаб потврди дека рафинеријата била цел на напад. Според украинската страна, погодени биле повеќе постројки, меѓу кои единицата за примарна преработка на нафта АВТ-6, комплексна единица за преработка и постројка за изомеризација.
Украинските власти наведуваат дека во рафинеријата се произведуваат автомобилски бензин, дизел и авионско гориво, како и други нафтени деривати, а објектот е дел од системот за снабдување со гориво на руските вооружени сили.
Московската рафинерија и претходно се соочувала со прекини во работата по напади во јуни, кога биле погодени постројки за примарна преработка на нафта.
Засега, извештаите за недостиг се однесуваат на одделни бензински станици во Москва и не укажуваат на целосен прекин на снабдувањето со гориво во главниот град.







