ПРВ.мк
Балкан

СТРАШНА ТРАГЕДИЈА ГО ПОТРЕСЕ БАЛКАНОТ - Дете паднало во кањон, таткото тргнал по него и го загубил животот

СТРАШНА ТРАГЕДИЈА ГО ПОТРЕСЕ БАЛКАНОТ - Дете паднало во кањон, таткото тргнал по него и го загубил животот

Трагедија го потресе подрачјето на водопадот Савица во Бохињ, Словенија, откако седумгодишно момче паднало во провалија, а неговиот 44-годишен татко, слушајќи ги неговите крици, тргнал кон него и исто така паднал во длабочината.

Според словенечката полиција, несреќата се случила додека четиричлено семејство од странство го посетувало водопадот. Засега не е објавено од која земја потекнува семејството.

По посетата на водопадот, семејството се враќало назад и застанало кај место за одмор со маса и клупи. Во еден момент момчето се оддалечило од останатите, по што членовите на семејството ги слушнале неговите крици.

Таткото веднаш тргнал кон местото од каде што доаѓале криците, но при обидот да стигне до својот син и тој паднал во провалијата.

Спасувачите набрзо ги пронашле таткото и детето во коритото на реката Савица. За жал, 44-годишниот маж им подлегнал на тешките повреди.

Седумгодишното момче било тешко повредено и со хеликоптер било пренесено во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана. Засега нема нови официјални информации за неговата здравствена состојба.

Од Горската спасувачка служба Бохињ соопштија дека нивните спасувачи во моментот кога била пријавена несреќата се наоѓале на вежба во непосредна близина на местото, поради што можеле речиси веднаш да тргнат кон теренот.

„Се спуштивме кон коритото, кое се наоѓаше нешто помалку од 60 метри под нас“, навеле спасувачите.

Точната височина од која паднале момчето и неговиот татко засега не е утврдена.

Спасувачите го стабилизирале и подготвиле детето за хеликоптерски транспорт, додека телото на неговиот татко било извлечено од тешко пристапниот терен со употреба на јажиња.

Словенечката полиција продолжува со собирање информации за сите околности што довеле до трагичниот настан, по што за случајот ќе бидат известени надлежните институции.

Од Горската спасувачка служба Бохињ посочиле дека ваквите несреќи во планинските предели најчесто не се последица на само една грешка, туку на комбинација од околности, случајности и погрешни одлуки кои во одреден момент се спојуваат.

Спасувачите упатија надеж дека повреденото момче ќе закрепне што побрзо и целосно.