Еден член на свештенството загинал, а уште четири лица биле повредени во напад врз манастир во Херсонскиот регион во јужна Украина, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според неговите наводи, во нападот бил употребен FPV дрон – беспилотно летало со камера преку која операторот во реално време ја следи сликата од перспективата на дронот.
Регионалните власти соопштиле дека нападот бил извршен врз манастирот и селото Червони Мајак, лоцирани покрај реката Днепар, која во овој дел од земјата ги раздвојува позициите на украинските и руските сили.
Зеленски извести и за напади врз критична и цивилна инфраструктура во регионите Харков, Суми и Одеса. Според неговите информации, биле нападнати и станбени објекти во регионите Днепропетровск и Запорожје, додека напади биле регистрирани и во други делови на Украина во текот на претходната ноќ.
Украинскиот претседател наведува дека само во текот на изминатата недела Русија употребила повеќе од 2.000 беспилотни летала, околу 1.700 крстосувачки бомби, како и 19 крстосувачки и балистички ракети.
Наводите за нападите и последиците се дадени од украинските власти, а околностите на нападот врз манастирот се предмет на дополнително утврдување.







