Северна Кореја во неделата истрелала два балистички проектили од своето источно крајбрежје, што претставува второ вакво лансирање во период од околу една недела. Тестирањата се случиле само неколку дена откако Пјонгјанг ги обвини САД дека дополнително ги зголемуваат тензиите на Корејскиот Полуостров со воени активности.
Првиот проектил бил лансиран од областа околу пристанишниот град Вонсан, околу 15 часот по локално време. Според проценките на јужнокорејската војска, тој прелетал приближно 450 километри и најверојатно станувало збор за ракета од типот „Хвасонг-11“.
Околу три часа подоцна бил истрелан и втор балистички проектил со краток дострел. Подоцнежните проценки покажале дека тој прелетал повеќе од 600 километри.
Јапонското Министерство за одбрана соопштило дека првиот проектил паднал во близина на јапонската ексклузивна економска зона.
Лансирањата предизвикале реакции во Сеул и Токио. Јужнокорејскиот Совет за национална безбедност го осудил потегот на Пјонгјанг и побарал веднаш да престанат ракетните активности, оценувајќи дека ваквите тестирања се спротивни на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
И Јапонија упатила дипломатски протест. Јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми изјавил дека ракетните активности на Северна Кореја претставуваат закана за безбедноста на Јапонија, регионот и пошироката меѓународна заедница.
Најновите лансирања се случуваат во период на зголемени тензии поврзани со севернокорејската нуклеарна и ракетна програма. Пјонгјанг неодамна остро ја критикуваше и поморската воена вежба предводена од САД, во која учествувале Јужна Кореја и Јапонија.
Ким Јо-џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, ги обвини САД дека со своите воени активности придонесуваат за зголемување на тензиите. Таа истовремено порача дека Северна Кореја нема да се откаже од својата политика на зајакнување на нуклеарниот арсенал.
Најновите ракетни тестирања дополнително ја зголемуваат загриженоста во регионот, додека Сеул, Токио и Вашингтон продолжуваат внимателно да ги следат воените активности на Пјонгјанг.







