На 21 септември православните верници го одбележуваат Рождеството на Пресвета Богородица, познато меѓу народот како Мала Богородица. Станува збор за еден од значајните празници посветени на Божјата Мајка и празник кој во црковната традиција има посебно место.
Иако Рождеството на Пресвета Богородица се поврзува со почетокот на низата големи празници во црковната година, неговото празнување започнало подоцна. Со слабеењето на паганските верувања, христијаните постепено почнале посебно да ја почитуваат и Пресвета Богородица, покрај почитта кон Исус Христос.
Во народната традиција, Богородица се смета за заштитничка на мајките, а особено на жените кои се породуваат. Поради тоа, постои верување дека жените кои се во породилни маки ја повикуваат Пресвета Богородица за помош и полесно породување.
Посебно место во народните верувања имаат и жените кои немаат деца. Се верува дека Богородица им помага на оние кои се молат за потомство, па затоа жените посетувале цркви посветени на Пресвета Богородица и се молеле пред нејзините икони.
Мала Богородица, како и Голема Богородица, е проследена и со низа народни обичаи и верувања. Според традицијата, на овој ден жените не би требало да извршуваат тешки домашни работи, како чистење на домот и перење алишта.
Во народното верување постои и совет на празникот да не се започнуваат нови работи и обврски, туку тие да се остават за некој од следните денови.
Празникот Мала Богородица затоа и денес се одбележува со посебна почит, молитва и посветеност, а народните обичаи и верувања поврзани со него се пренесуваат од генерација на генерација.









