ПРВ.мк
Магазин

ПРАЗНИК Е НА СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ: Еве што според обичаите треба да направат верниците денес

ПРАЗНИК Е НА СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ: Еве што според обичаите треба да направат верниците денес

На 19 септември Македонската православна црква го одбележува празникот Спомен на чудото на Свети Архангел Михаил, ден посветен на едно од познатите преданија за чудесната помош и исцелителната сила што му се припишува на небесниот Архистратиг.

Со празникот низ народната традиција се поврзани повеќе верувања, а особено се издвојуваат две обичаи кои православните верници ги почитуваат со генерации.

Преданието раскажува дека во Фригија, во близина на Јерапол, постоело место наречено Хони, познато по извор со чудотворна вода. Според житието, уште Светиот апостол Јован Богослов, заедно со Свети Филип, проповедал во Јерапол и прорекол дека на тоа место ќе се појави извор од кој многумина ќе добиваат исцеление и дека таму ќе дојде и Свети Архангел Михаил.

Набргу потоа, според преданието, навистина се појавил извор чија вода била прочуена по чудотворната сила. Еден незнабожец од Лаодикија имал нема ќерка и бил длабоко погоден од нејзината состојба. Во сон му се јавил Свети Архангел Михаил и му кажал да ја однесе девојката до чудотворниот извор, каде што ќе најде исцеление.

Таткото го послушал советот и ја однел ќерката до изворот. Таму затекнал голем број христијани кои се молеле и барале помош за своите маки. Кога прашал како да се помоли за исцеление, тие му кажале да го повика Светиот Архангел Михаил во името на Отецот, Синот и Светиот Дух.

Човекот се помолил и ѝ дал од водата на својата ќерка. Според преданието, девојката тогаш почнала да зборува. По чудото, таткото заедно со својот дом го примил христијанството, а покрај изворот изградил црква посветена на Свети Архангел Михаил.

Но, според преданието, со тоа не завршила приказната за чудесниот извор. На тоа место подоцна се населил монахот Архип, кој цели 70 години живеел во строг пост и молитва. Неговото присуство не им било по волја на незнабошците, кои се обидувале да го уништат местото и да ги одвратат луѓето од христијанската вера.

Во еден таков обид, тие ја пренасочиле блиската река со намера водата да ги потопи црквата и изворот. Архип се помолил, а според житието, повторно се појавил Свети Архангел Михаил. Тој со својот удар отворил расцеп во карпата покрај црквата, во кој се влеала надојдената вода и така храмот и изворот биле спасени.

Токму поради тоа што реката се „нурнала“ во отворената бездна, местото било наречено Хони, што се толкува како „нурнување“. Свети Архип продолжил да живее таму во молитва и подвиг, сè до своето мирно упокојување.

Празникот во народната традиција е поврзан и со верувањето дека на овој ден треба да се упатат молитви за здравје, исцеление и простување на гревовите, вклучително и за оние кои не веруваат во Бога. Според народното верување, молитвата упатена на овој ден носи духовна утеха, здравје и заштита од Свети Архангел Михаил.

Вториот обичај е поврзан со посебното значење што верниците му го даваат на празникот како ден за молитва и барање помош во тешки моменти. Се верува дека Свети Архангел Михаил, како Божји Архистратиг и заштитник, им помага на оние кои со вера му се обраќаат.

Приказната за чудото во Хони затоа и денес останува едно од познатите преданија поврзани со Свети Архангел Михаил, а празникот на 19 септември се одбележува со молитва и почит кон светецот.