Во Основното општинско училиште „Владо Тасевски“ во Општина Карпош во тек е изградбата на ново мултифункционално спортско игралиште, наменето за учениците и младите од оваа општина.
Денеска беше извршен увид во градежните активности, заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски.
По завршувањето на работите, учениците ќе добијат современ и безбеден простор за спорт и рекреација, кој ќе може да се користи за фудбал, кошарка и ракомет. Игралиштето ќе располага и со трибина и спортски реквизити, а целиот простор ќе биде обезбеден со заштитна ограда.

Изградбата на нови спортски терени е дел од инвестициите во спортската инфраструктура, со цел создавање подобри услови за активен живот и спорт на младите.

Пораката од надлежните е дека продолжуваат инвестициите во спортската инфраструктура, со намера да има повеќе уредени спортски терени и подобри услови за децата и младите да се занимаваат со спорт.












