Грчката полиција разби криминална организација составена од странски државјани, која според досегашната истрага стои зад серија провали и кражби од домови во повеќе населени места во областа Атика.
Во рамки на акцијата биле уапсени тројца странски државјани, за кои се сомнева дека биле дел од организацијата. Полицијата идентификувала уште пет лица кои се поврзуваат со групата. Од нив, две лица се наоѓаат во поправни установи, додека останатите тројца се во странство.
Според досегашните сознанија, групата најмалку од јули 2025 година била организирана со цел систематски да врши кражби од куќи и станови низ Атика. Осомничените, како што утврдила истрагата, имале специјализирано познавање на различни типови клучеви и брави, што во одредени случаи им овозможувало да влезат во домовите без притоа да остават очигледни траги од насилно кршење или оштетување.
Досега истрагата опфатила 23 случаи на провали, кражби и обиди за кражба. Делата биле регистрирани во Агија Параскеви, Палео Фалиро, Халандри, Неа Јонија, Галaци, Атина, Калитеа, Зографу, Петралона и Паграти.
Од извршените кражби, според полициските наоди, биле одземени пари и различни предмети чија вкупна вредност се проценува на околу 179.000 евра.
При претресите на домовите и имотите поврзани со уапсените, полицијата пронашла и одзела големо количество накит, злато и други вредни предмети. Меѓу запленетото имало и часовници од различни брендови, како и дизајнерски чанти.
Полицијата пронашла и повеќе мобилни телефони и СИМ-картички, парфеми, камери, лаптопи и таблети. Запленет бил и комплет посребрен прибор за јадење со украсни, дизајнирани рачки.
Во становите биле пронајдени и различни алати за провалување, голем број клучеви од различни видови, картички и документи поврзани со услуги за трансфер на пари, како и лото-листи и други предмети.
Грчките истражители продолжуваат со проверките за да се утврди потеклото на сите пронајдени предмети, како и евентуалната поврзаност на осомничените со други кражби.







