ПРВ.мк
Балкан

ПО 8.000 ЕВРА ЗА СЕМЕЈСТВАТА НA ЗАГИНАТИТЕ ВО БУГАРИЈА: Владата донесе одлука по тешката несреќа на „Тракија“!

ПО 8.000 ЕВРА ЗА СЕМЕЈСТВАТА НA ЗАГИНАТИТЕ ВО БУГАРИЈА: Владата донесе одлука по тешката несреќа на „Тракија“!

Бугарската влада ќе им исплати еднократна финансиска помош од по 8.000 евра на семејствата на лицата кои ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“. Одлуката била соопштена по редовната седница на Министерскиот совет од страна на министерката за труд и социјална политика, Наталија Ефремова.

Таа информираше дека финансиска поддршка ќе можат да побараат и семејствата на повредените, доколку ги исполнуваат законските услови за добивање еднократна социјална помош.

Заинтересираните ќе треба да се обратат до надлежните дирекции за социјална помош во земјата, каде што ќе добијат детални информации и потребни консултации за постапката, објави 4news.mk.

Средствата наменети за семејствата на загинатите ќе бидат исплатени преку дирекциите за социјална помош. Според министерката Ефремова, се очекува парите да бидат префрлени во рок од неколку дена, откако ќе бидат утврдени семејствата на настраданите и нивните адреси.

Покрај финансиската помош, бугарските власти најавија и бесплатна психолошка поддршка за повредените на кои им е потребна. Тие ќе можат да се обратат до општинските дирекции за социјална помош, преку кои ќе им биде организирана соодветна стручна помош.

На редовната седница на бугарската влада била оддадена почит и на загинатите во несреќата. Присутните со едноминутно молчење им оддале почит на жртвите од тешката сообраќајна несреќа.

Во рамки на седницата, министерката Ефремова се осврнала и на предложените измени на Законот за лична помош, кои ги поднела политичката формација „Прогресивна Бугарија“.

Како што објаснила, целта на предложените измени е подобрување на квалитетот и ефикасноста на системот, како и воведување посилни механизми за контрола. Посебен акцент е ставен на создавање услови лицата со попреченост да можат да водат што е можно понезависен живот.