Најмалку три лица го загубија животот, а неколкумина се повредени во тешка сообраќајна несреќа во населбата Северен Холивуд, во Лос Анџелес, откако теренско возило удрило во група улични продавачи и пешаци во близина на влезот на метро-станица.
Според информациите што ги пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на Полициската управа на Лос Анџелес, несреќата се случила вчера околу 17:55 часот по локално време. Бел теренец удрил во најмалку пет пешаци, предизвикувајќи сериозни последици.
Возачот на возилото исто така бил повреден и итно бил пренесен во болница, каде што се наоѓа во критична здравствена состојба, соопштила полицијата.
Од Противпожарната служба на Лос Анџелес информирале дека три лица починале на местото на несреќата. Најмалку уште тројца повредени биле транспортирани во блиските болници, исто така во критична состојба.
Засега не се познати причините поради кои теренецот завршил меѓу пешаците. Полицискиот капетан Ворнер Кастиљо изјавил дека зад воланот бил маж во шеесеттите години. Во тек се тестирања со кои треба да се утврди дали возачот во моментот на несреќата бил под дејство на некакви супстанции.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, се огласи по несреќата и изрази сочувство до семејствата на загинатите и повредените.
„Срцето ми е скршено поради семејствата на сите настрадани. Ќе продолжиме да објавуваме нови информации како што ќе ги добиваме“, напишала Бас во објава на социјалната мрежа „X“.
Таа додала дека нејзиниот кабинет е во координација со надлежните служби за да се утврдат сите околности и причините за несреќата.
Во истрагата се вклучени и полициските службеници кои побарале пристап до снимките од безбедносните камери на блиската автобуска станица. Телевизиската станица „KCBS/KCAL“, локална филијала на Си-ен-ен, објавила дека снимките треба да помогнат во реконструкцијата на настанот и утврдувањето како дошло до судирот.
По несреќата, раскрсницата била блокирана од противпожарни возила и полициски автомобили, додека службите работеле на местото на настанот.





