Во четвртокот беше реализирана посета на компанијата „Дрегер“ во Либек, Германија, каде што беше остварена средба со Штефан Дрегер, претседател на Управниот одбор на компанијата.
„Дрегер“ е компанија со долгогодишна традиција, основана во Либек во 1889 година, која денес е меѓу светски познатите производители на медицинска и безбедносна технологија. Станува збор за семејна компанија која ја води петтата генерација од семејството Дрегер и има повеќе од 16.000 вработени.

Компанијата развива и произведува медицинска опрема која се користи во различни сегменти од здравствениот систем. Нејзино портфолио опфаќа опрема за операциони сали, вклучително и апарати за анестезија и вентилатори, уреди за интензивна нега и мониторинг на пациенти, како и инкубатори и друга опрема за неонатологија.
Опремата на „Дрегер“ се користи и во здравствените установи во Македонија, меѓу другото и современи инкубатори во Гинеколошко-акушерската клиника.

Во рамки на посетата биле разгледани повеќе оддели на компанијата, а посебен акцент бил ставен на идниот развој на медицинската технологија и примената на вештачката интелигенција во здравството. Разговорите опфатиле и можностите за примена на новите технологии во области како анестезиологијата, како и развојот на концепти поврзани со доктори-аватари.
Од компанијата посочуваат дека вештачката интелигенција веќе станува практична алатка во здравството, со потенцијал да го промени начинот на кој пациентите се следат, дијагностицираат и лекуваат.

На средбата било разговарано и за можностите за идна соработка со „Дрегер“, особено во делот на обезбедување стручни совети при проектирањето на здравствените установи. Во фокусот би биле единиците за интензивна нега, операционите сали и ургентните оддели, каде што правилното планирање на просторот е од особено значење.

Како можна област за соработка е посочена и обуката на здравствените работници за правилна и ефикасна употреба на современата медицинска опрема.
„Опремата сама по себе не лекува. Потребни се добро проектирани простори и обучени луѓе што ќе знаат да ја користат до максимум“, беше истакнато по посетата.

За време на средбата била изразена благодарност до Штефан Дрегер и неговиот тим за гостопримството и за отвореноста кон идната соработка.












