Почина познатиот српски шминкер Борко Мајсторовиќ, кој со години професионално се занимавал со шминкање, како и со обликување и нега на веѓи, пренесуваат српските медиуми.
Веста за неговата смрт предизвика голема тага меѓу неговите пријатели, познаници и сограѓани. Бројни луѓе кои го познавале, како приватно така и преку неговата професионална работа, се збогуваат со него преку социјалните мрежи.
Меѓу објавите се најдоа и исклучително емотивни пораки, со кои неговите блиски се обидуваат да се простат од Борко.

„Мој драг брате. Те сакам, сè уште не можам да верувам во ова“, гласи една од пораките објавени на Инстаграм.
Бројните пораки и спомени што се појавија на социјалните мрежи сведочат за тоа дека Борко оставил силен впечаток кај луѓето со кои бил близок, но и кај оние со кои соработувал низ годините.
Засега нема официјални информации за причината и околностите под кои настапила неговата смрт.
Последната објава на неговиот Инстаграм профил е објавена пред девет недели, а станува збор за видео од моментот кога ја запросил својата девојка во Острошкиот манастир.










