ПРВ.мк
Балкан

ПАНИКА ПО УЧИЛИШТАТА ВО СРБИЈА:Се ширела информација дека ученик донел пиштол и список за ликвидација - полицијата со детали!

ПАНИКА ПО УЧИЛИШТАТА ВО СРБИЈА:Се ширела информација дека ученик донел пиштол и список за ликвидација - полицијата со детали!

Полицијата во Ниш уапси 47-годишен маж под сомнение дека преку социјалните мрежи ширел лажна информација дека средношколец во едно нишко училиште донел пиштол и имал список со лица кои наводно требало да бидат застрелани. Во истиот случај, против уште едно лице е поднесена кривична пријава во редовна постапка.

Припадници на Министерството за внатрешни работи во Ниш постапувале по наредба на Основното јавно обвинителство во Ниш и го лишиле од слобода мажот роден во 1979 година. Тој е осомничен за кривично дело предизвикување паника и неред.

Според информациите од полицијата, осомничениот вчера на својот профил на социјалните мрежи објавил информација дека малолетник во средно училиште во Ниш наводно донел пиштол и поседувал список со луѓе кои требало да бидат застрелани.

Објавата предизвикала голема вознемиреност и загриженост кај родителите и учениците. Полицијата со проверките утврдила дека 47-годишникот ја презел спорната објава од профил на друго лице, каде што содржината била достапна до ограничен број корисници.

За осомничениот е одреден притвор во траење до 48 часа. По истекот на рокот, тој со кривична пријава ќе биде спроведен во Основното јавно обвинителство во Ниш.

Во рамки на истиот случај, против лице родено во 1973 година е поднесена кривична пријава во редовна постапка, исто така поради сомнение за сторено кривично дело предизвикување паника и неред.