Основното јавно обвинителство Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица, осомничени за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Според информациите од Обвинителството, тројцата осомничени како соизвршители на 17 септември пристигнале со товарно возило наполнето со отпад во близина на депонијата „Буково“.
Таму, како што се наведува, започнале да горат отпадни гумени кабли со намера од нив да ги издвојат бакарните жици. При согорувањето се создал густ чад, при што во воздухот биле испуштени штетни материи.
Обвинителството оценило дека постојат основи за понатамошно водење на истрагата, а јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид доставил и предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.
Како причини за барањето притвор, од Обвинителството ги наведуваат пред сè опасноста од бегство, но и можноста осомничените да влијаат врз сведоци кои би биле опфатени во постапката.







