ПРВ.мк
Македонија

(ФОТО) САЕ „ТИГАР“ СО ОДЛИЧЕН РЕЗУЛТАТ ВО ДУБРОВНИК: Македонските специјалци меѓу најдобрите на „Штит Домовине“

(ФОТО) САЕ „ТИГАР“ СО ОДЛИЧЕН РЕЗУЛТАТ ВО ДУБРОВНИК: Македонските специјалци меѓу најдобрите на „Штит Домовине“

Двајца припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Министерството за внатрешни работи остварија одличен резултат на меѓународниот натпревар „Штит Домовине“, кој од 14 до 19 септември 2026 година се одржува во Дубровник, Република Хрватска.

Припадниците на САЕ „Тигар“ најпрво успешно ги поминале дводневните квалификации за главната трка, по што се пласирале во главниот натпревар, кој се состоел од исклучително напорна патека долга 28 километри и со вкупна висинска разлика од 927 метри.

Во текот на трката натпреварувачите требало да совладаат низа комплексни препреки, за што била потребна висока физичка издржливост, психолошка стабилност и тактичка подготвеност.

Во категоријата странски натпреварувачи, македонските претставници го освоиле четвртото и петтото место, од вкупно девет натпреварувачи. Во оваа конкуренција учествувале претставници од Австрија, Словенија и Унгарија, заедно со припадници на Армијата на Република Хрватска.

Успехот е значаен и во генералниот пласман. Од вкупно 86 натпреварувачи кои се натпреварувале на трката, припадниците на САЕ „Тигар“ завршиле на 23-то и 24-то место.

Од МВР посочуваат дека учеството на вакви меѓународни натпревари им овозможува на припадниците на единицата да ги тестираат своите физички, психолошки и тактички способности во исклучително барачки услови.

Ваквите натпревари воедно создаваат можност за размена на искуства, знаења и практики со припадници на специјалните и безбедносните сили од други држави.