ПРВ.мк
Црна Хроника

НЕОБИЧЕН ИНЦИДЕНТ ВО КОЧАНИ: Дрон двапати завршил во спалната соба на семејството - еве во што се сомневаат!

НЕОБИЧЕН ИНЦИДЕНТ ВО КОЧАНИ: Дрон двапати завршил во спалната соба на семејството - еве во што се сомневаат!

Несекојдневен случај пријавило семејство во полицијата во Кочани, откако непознато лице во текот на ноќта двапати управувало дрон кој влетал директно во нивниот стан.

Настанот се случил во ноќта меѓу 10 и 11 септември, во станбена зграда на улицата „Димитар Влахов“. Според пријавата на станарите, дронот при првото влегување поминал низ отворената врата од терасата и завршил во спалната соба.

Членовите на семејството биле разбудени од звукот на леталото. Во тој момент, лицето кое го управувало дронот се обидело да го повлече назад, но при извлекувањето леталото удрило во стаклото.

Сепак, инцидентот не завршил тука. По кратко време, дронот повторно се појавил пред станот и по вторпат влетал во спалната соба, при што навлегол околу еден метар во просторијата.

Станарите се обиделе да го соборат леталото, по што дронот повторно бил повлечен од страна на лицето кое управувало со него. Управувачот потоа се оддалечил од местото.

Семејството се сомнева дека дронот можеби бил искористен за неовластено снимање додека тие спиеле, но засега нема официјална потврда дека преку леталото навистина било вршено снимање.

Од Министерството за внатрешни работи е потврдено дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, а за настанот бил известен и јавен обвинител.

Полицијата побарала од Агенцијата за цивилно воздухопловство да изврши проверка дали во периодот кога се случил инцидентот било пријавено користење дрон на подрачјето на Кочани.

Од Основното јавно обвинителство Кочани информираат дека се преземаат дејствија за идентификување на лицето кое го управувало леталото.

Дали станува збор за обид за неовластено снимање или за друго противправно дејствие, ќе треба да биде утврдено во рамки на проверките и постапката што ја водат надлежните институции.

Најнови вести