36-годишен македонски државјанин бил повреден во несреќа при работа во местото Баришано, во италијанската провинција Л’Аквила.
Несреќата се случила додека тој работел во компанија која се занимава со производство и обработка на инертни материјали, лоцирана во близина на државниот пат 261 „Субеквана“.
Според првичните информации, работникот се здобил со повреди на главата и рамениот предел. На местото веднаш пристигнале екипи на итната медицинска помош, а поради сериозноста на повредите било одлучено тој итно да биде пренесен со хеликоптер во болница во Л’Аквила.
36-годишниот Македонец бил примен во болницата со црвен код, што во италијанскиот здравствен систем означува највисок степен на итност.
На местото на несреќата интервенирале и карабинерите, како и надлежните служби од локалната здравствена структура.
Во тек е истрага која треба да ги утврди точните околности под кои дошло до несреќата, како и дали при извршувањето на работните задачи биле почитувани сите пропишани мерки и правила за безбедност при работа.






