ПРВ.мк
Црна Хроника

ФОТОГРАФИИ ОД ЛОВОТ ПРЕДИЗВИКАА ВНИМАНИЕ: Странски ловци без срам се пофалија со уловот од Македонија - ќе има ли казни?

ФОТОГРАФИИ ОД ЛОВОТ ПРЕДИЗВИКАА ВНИМАНИЕ: Странски ловци без срам се пофалија со уловот од Македонија - ќе има ли казни?

Фотографии на странски ловци со застрелани капитални елени во македонските ловишта во последните денови се појавуваат на социјалните мрежи, отворајќи низа прашања околу ловечкиот туризам и начинот на кој се регулира отстрелот на крупен дивеч во земјава.

Новите објави се појавуваат непосредно по случајот во Националниот парк „Маврово“, каде во јавноста беа објавени снимки на група шпански ловци за време на лов на дивокози.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија и фотографии од други странски ловци кои престојувале во Македонија заради лов на крупен дивеч.

На една од објавите на Фејсбук, ловец од соседна земја позира со застрелан елен, опишувајќи го животното како свој „прв крал на шумата“ и момент кој, како што наведува, ќе го памети цел живот.

Фотографиите повторно го отвораат прашањето за обемот на ловечкиот туризам во Македонија, особено кога станува збор за капитални примероци на крупен дивеч. Во јавноста се поставува и прашањето дали и во која мера се контролира ваквиот вид лов, како и по кои критериуми се определуваат дозволените количества на отстрел.

Засега надлежните институции немаат објавено конкретни податоци за тоа кој ги издава дозволите за ваков лов, колку странски ловци годишно доаѓаат во земјава и колкав е бројот на отстрелани капитални примероци.

Случајот со елените не е единствениот што во последниот период привлече внимание во јавноста. Пред само неколку дена беа објавени снимки од шпански ловци во Националниот парк „Маврово“, на кои, според објавените материјали, се гледа отстрел на дивокози.

На снимките се гледа и необичен ритуал во кој странските ловци пијат крв од застреланите животни, што дополнително предизвика реакции во јавноста.

Појавувањето на нови фотографии со трофеи од македонските шуми повторно го става во фокус прашањето за контролата на ловот, заштитата на крупниот дивеч и транспарентноста околу издавањето дозволи за странски ловци.

Најнови вести