Ракот не прави разлика според возраста, професијата или животната приказна. Дијагнозата може целосно да го промени секојдневието, но не треба да значи и губење на надежта. Зад секоја медицинска дијагноза стои човек со своето семејство, планови, стравови и желба да продолжи понатаму.
Една од жените кои веќе петта година храбро се соочуваат со оваа тешка битка е 47-годишната Наташа Бубалова, по професија модна дизајнерка. Таа своето искуство го претвора во порака за другите жени и нагласува дека болеста не треба да се гледа како крај, туку како период низ кој треба да се помине.
„Болеста треба да се сфати како период кој треба да се надмине“, порачува Наташа, споделувајќи го своето лично искуство со борбата против ракот.
Соочувањето со малигната болест не е само медицински предизвик. Тоа е искуство кое ги засега и семејството, пријателите и целокупниот живот на пациентката. Токму затоа, голема поддршка за жените кои се соочуваат со оваа дијагноза доаѓа и од нивните соборки од Здружението „Хема Онко“. Тие, како жени кои минале низ слични искуства, најдобро можат да ги разберат стравовите, неизвесноста и емоциите со кои се соочуваат онколошките пациентки.
Со цел да се подигне свеста за значењето на превенцијата, редовните лекарски контроли и раното откривање на болеста, во Драчево се одржа едукативна трибина посветена на борбата со ракот.
На трибината лекари, здравствени работници и лица со лично искуство со болеста отворено зборуваа за предизвиците со кои се соочуваат пациентите – од моментот на поставување на дијагнозата, преку стравот и неизвесноста, па сè до надежта и поддршката која е неопходна во текот на лекувањето.
Главната порака е дека навремените контроли и раната дијагноза можат да бидат од огромно значење. Колку порано се открие болеста, толку порано може да започне соодветниот медицински третман, а свеста за редовните прегледи останува еден од клучните делови во превенцијата и раното откривање.
Кампањата ќе продолжи со уште една едукативна трибина, најавена за 26 септември. Завршниот настан ќе биде „Розев пикник“ на Школка во Градскиот парк, со кој повторно ќе се испрати порака за значењето на превенцијата, поддршката и навременото откривање на болеста.









