Иако не беше постигнат договор со авиокомпанијата Ryanair, властите најавуваат нови авиолинии и проширување на мрежата на летови од македонските аеродроми. Според најавите, ова лето патниците ќе добијат пет нови дестинации, меѓу кои и неколку атрактивни европски туристички центри.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека Владата останува подготвена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифаќа услови кои би биле на штета на државата или на останатите авиопревозници.
Тој објасни дека државата веќе обезбедува субвенции за авиокомпаниите, односно по 9 евра за секој странски патник кој пристигнува на скопскиот аеродром и 12 евра за патник на охридскиот аеродром. Сепак, според него, не може една компанија да бара посебен третман и значително повисоки субвенции.
Николоски откри дека веќе се водат разговори со други авиопревозници и најави дека Македонија ќе добие пет нови авиолинии во период кога светската авиоиндустрија се соочува со сериозни предизвици.
Меѓу новите линии е директната авиоврска Виена–Охрид, која ќе ја реализира Austrian Airlines. Дополнително, во текот на јуни ќе започнат летови од полските градови Краков и Вроцлав до Охрид.
Од скопскиот аеродром пак, патниците ќе можат директно да летаат до две популарни летни дестинации во Италија – Палермо на островот Сицилија и Алгеро на островот Сардинија.
Министерот нагласи дека Македонија е единствената земја во регионот која во овој период отвора нови авиолинии, и покрај кризата што ја погодува светската авиоиндустрија.
Дополнително, тој информираше дека Wizz Air ќе стационира седми авион на скопскиот аеродром, а компанијата размислува и за можна база во Охрид.
Во однос на состојбата со горивото, Николоски уверува дека земјава располага со резерви на керозин над законскиот минимум и дека ситуацијата е стабилна, при што дел од соседните аеродроми дури се снабдуваат и од македонските резерви.







