Жена (38) и три од нејзините деца се пронајдени мртви во средата наутро пред станбена зграда во населбата Понкарал во Тулон, на југот на Франција. Според првичните резултати од истрагата, мајката со децата скокнала од 13. кат од зградата во која живееле.
Како што соопшти обвинителството во Тулон, телата на жената и на трите дечиња, две момчиња и едно девојче на возраст од три, четири и шест години, биле пронајдени околу пет часот наутро. Сите починале на лице место.
Пронајдена медицинска документација во станот
– Според првичните наоди од истрагата што ја води полицијата во Тулон, мајката очигледно се фрлила од 13. кат заедно со трите деца – наведе обвинителот во соопштението.
Истрагата засега не утврдила дека жената претходно била хоспитализирана поради психијатриски проблеми, но потврдено е дека во април посетила психијатар на одделот за итна помош во Марсеј. При претресот на станот била пронајдена и медицинска документација која, според наводите на обвинителството, укажува на можни психијатриски и депресивни нарушувања.
Четири деца го гледале ужасот
Мајката живеела сама со седум деца. Во моментот на трагедијата, четирите постари деца се наоѓале во станот. По пристигнувањето, нив ги презеле надлежните служби и им била обезбедена психолошка помош. Обвинителството соопшти дека засега нема докази кои укажуваат на вмешаност на трето лице.
Како што пренесуваат француските медиуми, семејството претходно не им било познато на социјалните служби ниту на обвинителството, бидејќи немало пријави за семејни или социјални проблеми. Четирите преживеани деца биле пренесени во болницата во Тулон, каде што им била укажана медицинска и психолошка помош.







