ПРВ.мк
Македонија

Ако помине овој закон, 10.000 луѓе во Македонија би можеле да останат без работа!

Ако помине овој закон, 10.000 луѓе во Македонија би можеле да останат без работа!

Откако Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри официјално влезе во собраниска процедура на 14 мај, од АСОМ излегоа со остро и јавно обраќање во кое предупредуваат дека новите законски измени би можеле да предизвикаат сериозни последици врз целата индустрија, но и врз илјадници граѓани кои работат во овој сектор.

Во своето отворено писмо упатено до пратениците во Собранието, од АСОМ обвинуваат дека законот повторно се носи без јавна дебата и без вклучување на стручната јавност, иако, како што наведуваат, станува збор за исклучително важно прашање кое директно влијае врз економијата и работните места.

Од Асоцијацијата потенцираат дека со години бараат јавна расправа и транспарентност во процесот, но според нив, институциите избегнуваат отворен дијалог. Тие велат дека претставуваат 95 проценти од легалниот пазар на приредувачи на игри на среќа во обложувалници и тврдат дека немаат што да сокријат пред јавноста.

Најголемата загриженост, според АСОМ, е можноста за масовно затворање на легалните компании доколку законот биде изгласан во сегашната форма. Тие предупредуваат дека околу 10.000 луѓе би можеле директно да останат без работа, а дополнително би биле погодени и повеќе од 50.000 индиректни работни места поврзани со индустријата.

Особено спорни за нив се мерките кои предвидуваат обложувалниците да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, како и новите финансиски давачки кои, според АСОМ, би биле преголем товар за компаниите.

Во писмото се наведува и дека со ваквиот закон државата ризикува да изгуби околу 280 милиони евра приходи во буџетот, а истовремено да се отвори простор за ширење на нелегално приредување игри на среќа.

Од АСОМ предупредуваат и на, како што велат, „албанското сценарио“, повикувајќи се на искуството на Албанија каде што по затворањето на легалниот сектор дошло до зголемување на нелегалното коцкање и криминалот, по што властите повторно морале да го вратат легалниот систем.

Воедно, Асоцијацијата остро реагира и на делот кој се однесува на интернет игрите на среќа. Тие сметаат дека државата со новиот закон практично воспоставува монопол, бидејќи приватните лиценцирани компании би биле исклучени од можноста да приредуваат интернет игри.

Од АСОМ порачуваат дека нема да се откажат од борбата против законот и бараат негово итно повлекување од собраниска процедура, како и отворање широка јавна расправа за изработка на, како што велат, европско и одржливо законско решение.

Во спротивно, најавуваат дека се подготвени и за масовни протести во кои би учествувале десетици илјади вработени од секторот.

Најнови вести