ПРВ.мк
Балкан

ТЕШКА ТРАГЕДИЈА: Исчезна млад инструктор по нуркање – на терен пристигнуваат нови тимови и дронови!

ТЕШКА ТРАГЕДИЈА: Исчезна млад инструктор по нуркање – на терен пристигнуваат нови тимови и дронови!

Продолжува драматичната потрага по 26-годишен инструктор по нуркање кој исчезна во морето во близина на островот Локрум во Хрватска. И покрај интензивната акција што трае веќе втор ден, засега нема трага од младиот нуркач, а во операцијата постојано се вклучуваат нови тимови и дополнителна опрема.

Според информациите од хрватските медиуми, инструкторот исчезнал за време на организирано нуркање со група странски државјани. Групата нуркала на надворешната страна на островот Локрум, на длабочина меѓу 15 и 20 метри. По завршувањето на нуркањето, сите успеале да излезат на површината, освен инструкторот.

Потрагата продолжила и вчера со силен интензитет, а во неа се користат дронови, специјализирани нуркачки тимови и пловни објекти. Началникот на станицата на крајбрежната стража во Дубровник, Иван Барач, изјавил дека утрово операцијата продолжува со уште поголем број луѓе на терен.

Тој открил дека покрај постојните тимови, на помош пристигнуваат уште седум до осум нуркачи, а дополнително се очекува и специјален тим од Сплит. Според најавите, во текот на денот околу 14 нуркачи од хрватската крајбрежна стража ќе бидат ангажирани во потрагата.

Во акцијата се вклучени припадници на Министерството за внатрешни работи, Пристанишната управа, Хрватската крајбрежна стража, како и пожарникари. На местото се наоѓа и противпожарниот брод „Орландо“, заедно со екипи од Дубровник, Сплит и Метковиќ.

Случајот предизвика големо внимание во Хрватска, особено поради тоа што исчезнатиот инструктор важел за искусен и професионален нуркач и покрај неговата млада возраст.

Претседателот на Клубот за подводни истражувања Морнар, Луцијен Параѓина, изјавил дека е тешко да се претпостави што точно се случило под вода, но според него, многу е мала веројатноста проблемот да бил предизвикан од дефект на опремата.

„Невообичаено е што тој ја водеше групата, сите излегоа на површина, а нему нешто му се случило. Што точно се случило, навистина е тешко да се каже“, посочил Параѓина.

Надлежните служби продолжуваат со интензивната потрага, а истрагата треба да утврди како дошло до исчезнувањето на младиот инструктор.

Најнови вести