Две лица го загубија животот, шест се здобиле со тешки телесни повреди, а уште 27 поминале со полесни повреди во тешката сообраќајна несреќа што се случи на автопатот А3 во Хрватска, кога се преврте автобус на „Ниш експрес“ со српски регистарски таблички.
Хрватското Министерство за здравство соопшти дека повредените патници биле распределени во пет здравствени установи во Загреб, каде што им била укажана медицинска помош.
Несреќата се случила околу 7:30 часот, на приближно 40 километри од Загреб, на 61. километар од автопатот, непосредно по клучката Иваниќ-Град. Според медиумските извештаи и објавените снимки, станува збор за автобус на „Ниш експрес“.
Од Министерството информираат дека на местото на несреќата биле испратени девет екипи на итната медицинска помош, меѓу кои и тим на хеликоптерската итна медицинска служба.
Повредените биле транспортирани во пет здравствени установи: Клиничкиот болнички центар Загреб, КБЦ „Сестри милосрдници“, Клиничката болница Дубрава, Клиниката за трауматологија на улицата Драшковиќева и Клиничката болница „Меркур“.
Хрватското Министерство за здравство соопшти дека е во постојана координација со надлежните болници и итните служби. Институциите продолжуваат да ја следат состојбата и медицинското згрижување на сите учесници во несреќата.
Трагичната несреќа се случила на делницата кај Иваниќ-Град, а околностите под кои дошло до превртувањето на автобусот се предмет на понатамошно утврдување.








