Околу 500.000 литри нафта истекле од нафтовод во Хрватска, на делницата меѓу Сисак и Славонски Брод, информира компанијата „Јадрански нафтовод“ (ЈАНАФ). Досега биле собрани приближно 200.000 литри, а од компанијата уверуваат дека нема опасност за локалното население ниту за снабдувањето со вода за пиење.
Инцидентот се случил во близина на селото Првча, на 88. километар од нафтоводот. До оштетувањето дошло за време на работи за обновување, кога работна машина дошла во контакт со опремата и предизвикала дефект. Работите ги изведувала надворешна компанија, а истекувањето траело од петокот до вчера вечерта.
Транспортот на нафта веднаш бил прекинат
Откако било откриено оштетувањето, ЈАНАФ веднаш го запрел транспортот на нафта преку затворање на блокадните станици Окучани и Лужани.
На погоденото подрачје била испратена потребната механизација за ископување, чистење и собирање на истечената нафта. Досега се собрани околу 200.000 литри, додека отстранувањето на преостанатата количина ќе продолжи и во наредните денови.
Од компанијата објаснуваат дека непријатната миризба засега е ограничена на местото каде што се случило истекувањето и дека постепено ќе се намалува како што ќе напредува санацијата.
Собраната нафта по завршувањето на постапката ќе биде вратена во системот на компанијата.
Загадената почва ќе биде отстранета и заменета
По собирањето на нафтата, ќе следува следната фаза од санацијата, која предвидува отстранување на загадената почва и нејзина замена со чист материјал. Целта е теренот да биде вратен во првобитната состојба.
Од ЈАНАФ проценуваат дека за целосно завршување на санациските активности ќе бидат потребни околу десет дена.
Во меѓувреме, треба дополнително да се утврди одговорноста за оштетувањето, а нафтоводот засега останува надвор од функција.







