Во Скопје денеска се одржува протест против фемицидите и институционалната неодговорност, по трагичното убиство на 17-годишната Биљана Киреќ од Богданци. Под мотото „Не бараме сочувство, бараме одговорност“, граѓаните бараат правда за девојката, но и конкретни системски мерки за заштита на жените и спречување на насилството.
Собирот е закажан за 12 часот во паркот „Жена борец“. Оттаму, учесниците ќе се упатат на протестен марш покрај Собранието и Министерството за правда, а завршниот собир ќе се одржи пред Министерството за образование и наука, објави 4news.mk.
Организаторите, неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“, бараат целосна и транспарентна истрага за убиството, утврдување одговорност доколку се констатирале пропусти во постапувањето на институциите, како и итно усвојување на законските измени со кои треба да се зајакне заштитата на жените од насилство.
Меѓу барањата се и враќање на поимот род во законите и јавните политики, како и преземање одговорност од функционерите кои го оправдуваат или го релативизираат насилството.
Биљана претходно пријавувала закани по живот
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, особено по информациите дека 17-годишната девојка претходно во повеќе наврати пријавувала закани по живот.
И покрај тоа што биле преземени одредени мерки, меѓу кои повикување на пријавеното лице во полициска станица и изработка на безбедносен план, трагедијата не била спречена.
По убиството бил спроведен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи во Гевгелија. Целта е да се утврди дали надлежните служби постапувале навремено и дали ги исполниле законските обврски во конкретниот случај. Резултатите од надзорот се очекува да бидат објавени во наредните денови.
Денешниот протест во Скопје следува по граѓанскиот собир што во петокот се одржа во Богданци. Тамошните жители побараа правда за Биљана и одговори од надлежните институции за тоа дали нејзиното убиство можело да биде спречено.
Загрижувачки бројки за семејното насилство
Покрај конкретниот случај, протестот повторно го отвора прашањето за распространетоста на семејното насилство во земјава. Според објавените статистички податоци, од почетокот на годинава до септември, седум жени биле убиени од свои партнери или членови на семејството.
Во истиот период биле регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство, како и околу 4.000 поплаки. Од вкупно 1.388 пријавени сторители, дури 1.278 биле мажи.
Ниту податоците од претходната година не се помалку загрижувачки. Во текот на минатата година биле евидентирани 4.745 пријави од жени кои биле жртви на семејно насилство.
Со денешниот собир, организаторите и учесниците бараат насилството врз жените да не се третира само како статистички податок, туку како сериозен општествен проблем што бара навремена реакција, ефикасна заштита и одговорност од сите надлежни институции









