Новите предупредувања на климатолозите предизвикаа загриженост ширум светот. Експертите предупредуваат дека веќе во блиска иднина Земјата би можела да биде погодена од моќен „Супер Ел Нињо“, климатски феномен кој носи екстремни горештини, суши, но и разорни поплави и пожари.
Метеоролозите сметаат дека токму 2026 и 2027 година би можеле да ги соборат сите досегашни температурни рекорди. Според наводите на германски „Билд“, Светската метеоролошка организација (СМО) предупредува дека од средината на оваа година би можел да се развие нов феномен Ел Нињо, што би можело значително да влијае врз температурите и шаблоните на врнежи ширум планетата.
„Ќе бидеме сведоци на временски појави какви што модерната историја не памети“
Климатологот Даниел Свејн од Калифорнискиот институт за водни ресурси смета дека токму 2026 и 2027 година би можеле да станат најтоплите години откако постојат мерењата. Слично предупредување даде и метеорологот и климатски експерт Џеф Берардели, кој за американската телевизија WFLA-TV изјави: „Мислам дека ќе бидеме сведоци на временски појави какви што модерната историја сè уште нема видено“.
Супер Ел Нињо претставува исклучително силен облик на климатскиот феномен Ел Нињо, за време на кој доаѓа до вообичаено високо загревање на Тихиот Океан. Таквите промени потоа можат да предизвикаат целосно нарушување на временските прилики ширум светот, од екстремни топлотни бранови и долготрајни суши, па сè до обилни дождови и катастрофални поплави.
Како што пишува „Билд“, експертите предупредуваат дека последиците се веќе видливи во одредени делови на Европа, каде што почвата е исклучително исушена по долгите периоди без сериозни врнежи. Последниот Ел Нињо беше забележан во текот на 2023 и 2024 година, а според извештаите на СМО, токму тој феномен придонесе 2024 година да стане најтоплата година од почетокот на официјалните мерења.
Научник предупредува на рекордни температури
Климатскиот научник Карло Бунтемпо предупредува дека новите температурни рекорди би можеле да бидат соборени веќе следната година. Уште позагрижувачки прогнози доаѓаат од климатологот Тидо Семлер од ирската метеоролошка служба. Тој смета дека последиците од новиот Ел Нињо би можеле да бидат уште посилни во текот на 2027 година, бидејќи на атмосферата ѝ е потребно одредено време за да реагира на промените во Пацификот. „Ако Ел Нињо се развие во текот на втората половина на 2026 година, постои зголемен ризик 2027 да стане година на рекордни горештини“, предупреди Семлер.
Експертите особено стравуваат од сè поголемиот ризик од катастрофални шумски пожари. Теодор Кипинг од Кралскиот колеџ во Лондон предупредува дека силниот Ел Нињо би можел да ја зголеми можноста за екстремни суши и топлотни удари во Австралија, Канада, САД и во амазонската прашума. Во случај на развој на исклучително силен Супер Ел Нињо, експертите не ја исклучуваат можноста светот да влезе во период на најопасните временски екстреми во модерната историја.
Метеоролошкиот портал Severe Weather Europe наведува дека Европа веќе кон крајот на мај ја очекува нагол пресврт на времето. По вообичаено студениот продор на арктички воздух, над голем дел од континентот се развива силна топлотна купола која го заробува топлиот воздух и носи екстремно високи температури.
Во Шпанија и Португалија над 35 степени
Според нивните прогнози, температурите во Шпанија и Португалија би можеле да бидат и над 35 степени Целзиусови, додека многу топлиот воздух постепено ќе се шири кон Франција, Германија, Велика Британија, но и кон Балканот.
Поединечни делови од Европа би можеле да бидат и до 15 степени потопли од просекот за крајот на мај. Метеоролозите предупредуваат дека ваквите топлотни куполи често стојат зад рекордните топлотни бранови, суши и големи пожари, а поради долготрајното задржување на топлината можат да претставуваат сериозен ризик за здравјето на луѓето, особено кај постарите лица и хронично болните.




