ПРВ.мк
Македонија

МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА СО УБАВА ВЕСТ: 3.000 денари ќе добијат оваа група граѓани!

МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА СО УБАВА ВЕСТ: 3.000 денари ќе добијат оваа група граѓани!

Собранието го усвои Законот за додатоци за млади, со кој официјално започнува нова мерка за финансиска поддршка на младите работници во земјава. Станува збор за месечен надоместок од 3.000 денари, кој ќе им се исплаќа на граѓани што исполнуваат одредени услови, а целта е да се поттикне вработувањето и задржувањето на младите во реалниот сектор.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, објасни дека со новото законско решение прецизно се дефинира кој има право на оваа финансиска помош, како и начинот на исплата.

Според законот, право на месечниот додаток ќе имаат младите лица кои се на возраст до 23 години и кои се вработени во производствени дејности. Овие два услови ќе бидат клучни за добивање на финансиската поддршка што државата ќе ја обезбедува секој месец.

Парите ќе се исплаќаат директно на трансакциските сметки на младите работници, а исплатата ќе ја врши Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Средствата за оваа мерка ќе бидат обезбедени од државниот Буџет.

Од Министерството велат дека идејата е младите луѓе уште од рана возраст да се мотивираат да работат во производствениот сектор, каде што во изминатиот период има недостиг од работна сила. Со оваа мерка, освен што треба да се олесни финансиската состојба на младите, се очекува и поголема заинтересираност за долгорочно вработување.

Министерот Дурмиши посочи дека законот има за цел да создаде подобри услови за младите и да им помогне полесно да се вклучат на пазарот на трудот.

„Целта на овој закон е поттикнување на младите да се вклучат на пазарот на трудот во производствени дејности, а преку финансиска поддршка да се обезбеди подолгорочно вработување и подобрување на нивната економска состојба“, изјави министерот.

Најнови вести