Властите во Арканзас, САД, повторно ја отворија истрагата за наводното самоубиство на една жена, откако нејзиниот син исто така почина во настан што во полицијата бил пријавен како самоубиство или обид за самоубиство.
Бриџет Сузана Штраус (49) починала во септември, помалку од два месеци пред нејзиниот син, 21-годишниот Мајкл Хадсон Пејџ, на 7 ноември да биде пронајден мртов со прострелни рани во куќа во местото Момел, во Арканзас.
Сопругот на Бриџет Штраус, Скот Штраус, кој му бил очув на Пејџ, е уапсен и обвинет за убиство во врска со смртта на момчето, соопшти Канцеларијата на шерифот на округот Пуласки.
Полицијата, која излегла на местото на настанот во Момел по пријава за неприродна смрт, го затекнала Пејџ со смртоносни прострелни рани. Меѓутоа, според наводите на медиумите, доказите пронајдени на лице место не се совпаѓале со тврдењето за самоубиство, што отворило дополнителни прашања.
Според судскиот документ до кој дошла телевизијата КАТВ, Скот наводно ѝ рекол на полицијата дека се скарал со Пејџ, а подоцна го пронашол мртов.
Полицијата, наводно, пронашла траги од крв под ноктите на Скот, во неговото уво, како и на неговите обувки. Исто така, во куќата бил затекнат неред: траги од крв во кујната, крпа за капење покрај Пејџ, како и хартиени бришачи кои, судејќи според изгледот, биле користени за бришење крв, се наведува во документот.
Полицијата понатаму наведува дека забележале превртен стол, кујнска маса поместена од своето место, како и муниција расфрлана во близина на сефот за оружје, кој бил отворен.
Властите сега повторно ја отворија истрагата за смртта на Бриџет Штраус, која првично била оквалификувана како самоубиство. Во соопштението што го пренесува КАРК, Канцеларијата на шерифот на округот Пуласки навела дека, „со оглед на неодамнешните настани во Момел“, одлучиле „повторно да разгледаат еден поранешен случај што спаѓа во нивна надлежност“. Оттаму за медиумите потврдиле дека истрагата се однесува на смртта на Бриџет Штраус.
Засега не е целосно јасно што точно истражуваат, ниту што довело до ваквиот развој на настаните. Кога ги контактирал магазинот „Пипл“, канцеларијата на шерифот не одговорила на неколкуте барања за коментар.
На своите профили на социјалните мрежи, Бриџет споделувала емотивни, а понекогаш и духовити фотографии од себе и од своето семејство.
„Најдобар пријател, водач на нашето ’племе‘, соучесник во палавостите, сјаен татко, сопруг, сродна душа и чувар на моето срце“, напишала таа во објава од март 2025 година, покрај фотографија на која е со Скот.
Во онлајн некрологот објавен по нејзината смрт, блиските ја опишале како личност со „ведар дух и топол карактер“. Како голем љубител на природата, таа уживала во кампување и риболов. „Исто така негуваше страст кон накитот и наоѓаше голема радост во продажбата и споделувањето прекрасни парчиња со другите“, се наведува во дел од посветата.
Пораки на сочувство пристигнуваат и за Пејџ на страницата на неговиот онлајн некролог, каде што едно лице кое ги познавало навело дека Бриџет и нејзината мајка „апсолутно го обожавале“ и дека тој бил „светлината на нивните животи“.
„Хадсон сакаше да ги смее луѓето. Беше вистинска душа од човек. Почивај во мир, Хади“, пишува во една од објавите. „Ти благодарам што ѝ беше добар пријател на мојата Хана. Се надевам дека знаеше колку беше сакан! Многу ќе ни недостигаш“, стои во друга порака.
Според судскиот документ што го цитира телевизијата КАТВ, Скот наводно признал дека го поместил телото на Пејџ и го преместил огненото оружје. Во судските списи стои дека е обвинет за убиство од прв степен и попречување на материјални докази. Тој се изјаснил дека не е виновен по ниту една од овие точки на обвинението.







