ПРВ.мк
Црна Хроника

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ ЗА МАЛТРЕТИРАЊЕ МАЛОЛЕТНИК ВО ОХРИД: Двајцата од СВР Охрид ќе бидат суспендирани!

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ ЗА МАЛТРЕТИРАЊЕ МАЛОЛЕТНИК ВО ОХРИД: Двајцата од СВР Охрид ќе бидат суспендирани!

Тројца полициски службеници се соочуваат со кривична пријава поради сомневања за малтретирање на малолетник во Охрид. Министерството за внатрешни работи потврди дека Одделот за внатрешна контрола поднел пријава против С. С., Б. Г. и Ј. И., а за двајцата полицајци од СВР Охрид се најавени и дисциплински мерки, вклучително и суспензија.

Случајот се однесува на малолетниот Горазд, за кој неговата мајка Лихнида Петреска јавно сведочеше во емисијата „Претрес со Ландов“, изнесувајќи тврдења за постапувањето на полициски службеници кон нејзиниот син.

Кривичната пријава е доставена до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Тројцата се сомничат за кривично дело „малтретирање во вршење на службата“, предвидено во член 143 од Кривичниот законик.

Според информациите од МВР, инцидентот се случил на 29 јули 2026 година, околу 05:05 часот, во Охрид. Полициските службеници С. С. и Б. Г. од СВР Охрид, заедно со Ј. И. од Србија, при вршење службени дејствија запреле мотоцикл управуван од малолетник кој немал дозвола за управување и се обидел да избега.

„Набргу го фатиле и кон него употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет и му нанеле повреди на повеќе делови на телото“, наведуваат од Министерството за внатрешни работи.

Во врска со постапувањето на полицискиот службеник од Србија, по наредба на ОЈО ГОКК, македонската внатрешна контрола побарала соработка од надлежната служба за внатрешна контрола при српското МВР, од која е побарано да спроведе службен разговор со Ј. И.

За двајцата полициски службеници од СВР Охрид, пак, се најавени мерки за утврдување на одговорност во рамките на работниот однос.

„Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници С. С. и Б. Г. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работно место – суспензија“, соопштија од МВР.

Случајот претходно беше обелоденет во емисијата „Претрес со Ландов“, каде што мајката на малолетникот, Лихнида Петреска, раскажа за настанот и изнесе сериозни обвиненија за постапувањето на полицајците.

Таа сведочеше дека нејзиниот 15-годишен син се враќал од работа со мотор кога полициски службеници почнале да го следат. Според нејзиното тврдење, кај градската болница во Охрид бил удрен со полициско возило, по што, како што навела, бил физички нападнат. Таа исто така тврдеше дека потоа бил одведен на друго место, каде што нападот продолжил.

Петреска во емисијата изјави дека нејзиниот син во неколку наврати губел свест и дека, според неговото раскажување, полицајците му се заканиле да не го пријавува случајот, откако им ја кажал својата возраст.

„Го прашав што се случило. Не сакаше да каже затоа што му се имаа заканувано и беше уплашен“, сведочеше Петреска.

Таа раскажа дека подоцна отишла во полиција за да побара објаснување за случувањата и да провери дали инцидентот бил евидентиран. Според нејзиното сведоштво, по проверките ѝ било кажано дека нема евиденција за таков настан. Изнесла и тврдења дека добила објаснување дека полициските службеници биле однадвор и веќе заминале, како и дека нивното постапување било оправдувано со зборовите „превоспитување“.

Мајката потврдила дека заедно со синот го пријавиле случајот во Основното јавно обвинителство во Охрид, каде што од него била земена изјава во нејзино присуство. Таа дала изјава и во Одделот за внатрешна контрола, но во моментот на телевизиското сведочење тврдела дека немала информации за тоа што е преземено по нејзината пријава. Во емисијата зборувала и за, како што навела, индиректни закани кон семејството.

Пред емитувањето на сведоштвото, од обвинителството за „Претрес“ било потврдено дека предметот од Охрид е препратен во ОЈО ГОКК, откако било утврдено дека пријавените лица се полициски службеници. Тогаш биле дадени дополнителни насоки за постапување, била известена внатрешната контрола и било извршено препознавање.

Во најновиот одговор, МВР потврдува дека е поднесена кривична пријава и дека се утврдени наводи за употреба на физичка сила, гумена палка и тврд предмет. Министерството, сепак, не се осврнува на останатите тврдења што ги изнесе мајката во своето сведоштво, вклучително и на наводите за удар со возило, одведување на друго место и закани.

Најнови вести