ПРВ.мк
Македонија

Нулта толеранција за семејното насилство: Договорена побрза координација меѓу Обвинителството, МВР и социјалните служби

Нулта толеранција за семејното насилство: Договорена побрза координација меѓу Обвинителството, МВР и социјалните служби

Денеска во Јавното обвинителство, заедно со државниот јавен обвинител Ненад Савески и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, беа договорени конкретни мерки за зајакнување на меѓуинституционалната координација и итно постапување во случаите на семејно насилство.

Како што беше истакнато, секоја пријава мора да биде сфатена сериозно, секоја жртва мора да добие навремена заштита, а секој сторител мора да се соочи со одговорност.

Според договореното, Министерството за внатрешни работи (МВР) веднаш по приемот на пријава ќе го известува надлежното обвинителство, по што јавниот обвинител ќе координира тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. На овој начин ќе се обезбедува итна проценка на ризиците, прибирање на потребните докази и стручни мислења, со цел брзо и ефикасно постапување.

Дополнително, во сите три институции ќе бидат воспоставени постојано достапни контакт-точки за непосредна комуникација и координација, за да не доаѓа до непотребни одложувања во ситуации кога се загрозени нечија безбедност и живот.

Од надлежните институции порачуваат дека семејното насилство не е приватна работа, туку сериозен општествен проблем на кој државата мора да одговори одлучно, координирано и без одлагање, со јасен приоритет – заштита на жртвите, спречување на повторување на насилството и навремено изведување на сторителите пред лицето на правдата.

Најнови вести