Снимка од Словенија на која се гледа необична глетка на небото забележана над Дравското Поле, на североистокот од земјата, кружи на социјалните мрежи. Видеото го направил еден од возачите кои во тој момент минувале оттаму, а словенечките медиуми наведуваат дека станува збор за метеор.
„Утрово над Дравското Поле беше видлив метеор“, стои во описот на снимката што ја пренесоа словенечките медиуми.
Како што се додава, оваа појава е забележана само еден ден по најавениот максимум на метеорскиот рој Леониди – еден од најпознатите годишни метеорски роеви, кој годинава го достигна својот врв во ноќта меѓу 17 и 18 ноември.
Според наводите на Меѓународната метеорска организација (ИМО), редовниот максимум на Леонидите настапил во среда, на 18 ноември, во 00:45 часот по наше време.
Леонидите инаку не спаѓаат меѓу најбројните метеорски роеви, но се исклучително брзи. Во Земјината атмосфера влегуваат со брзина од приближно 71 километар во секунда, односно повеќе од 250.000 километри на час. Притоа можат да создадат изразито светли траги кои понекогаш остануваат видливи уште неколку мигови откако метеорот ќе исчезне.








