Жените на возраст од 21 до 59 години кои во последните три години не направиле ПАП-тест можат да се пријават за бесплатно тестирање во рамките на националната програма за скрининг за 2026 година. Пријавувањето се врши електронски, а за датумот и часот на прегледот пациентките ќе бидат известени од нивниот матичен гинеколог.
ПАП-тестот е важен дел од превентивните прегледи, бидејќи овозможува откривање на промени во клетките на грлото на матката пред да се појават симптоми. Доколку резултатите покажат одредени клеточни промени, гинекологот проценува дали е потребно дополнително испитување или следење на состојбата.
На 17 ноември беше одбележан Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката, со што повторно се потенцира значењето на редовните прегледи и навременото откривање на потенцијални здравствени проблеми.
Како да се пријавите за бесплатен ПАП-тест?
Пријавувањето се врши преку официјалната интернет-страница на Министерството за здравство, а постапката е едноставна.
Најпрво, потребно е да го отворите електронскиот образец на следниот линк: Пријава за бесплатен ПАП-тест, каде што треба да ги внесете името, презимето и единствениот матичен број.
Потоа, во образецот треба да означите дали сте направиле ПАП-тест во последните три години, да ја изберете опцијата „Продолжи“ и да ги пополните останатите потребни податоци за да ја завршите пријавата.
Откако пријавувањето ќе биде завршено, преку системот „Мој термин“ автоматски ќе биде известен и вашиот матичен гинеколог. Од ординацијата потоа ќе ве контактираат и ќе ви го соопштат датумот и часот за тестирање, согласно распоредот на програмата.
Кога не треба да се чека термин за скрининг?
Доколку се појави невообичаено крвавење меѓу менструациите, по сексуален однос или по менопаузата, важно е да се побара гинеколошки преглед без одложување, независно од тоа кога бил направен последниот ПАП-тест.
Редовните прегледи и навременото реагирање на симптомите се важни за рано откривање на промени и соодветно медицинско следење.





