Градот Сплит се откажа од организирањето на концертот на Дино Мерлин, кој требаше да се одржи на 30 декември, откако околу 20.000 граѓани потпишаа петиција со која побараа настапот да биде откажан, а средствата предвидени за хонорарот да се пренасочат за набавка на ПЕТ/КТ уред за сплитската болница. Одлуката ја соопшти градоначалникот Томислав Шута на прес-конференција, објави „Индекс“.
Шута потврди дека договорот со Дино Мерлин нема да биде потпишан, а воедно ги отфрли тврдењата дека неговиот настап во Сплит бил поскап во споредба со концертите во други градови.
Градоначалникот појасни дека хонорарот на Мерлин изнесувал 140.000 евра, додека претходно споменатите 300.000 евра се однесувале на вкупните трошоци за ангажман на тројца изведувачи – Дино Мерлин, Јаков Јозиновиќ и Јелена Розга.
„Ова се важни работи што треба да се разјаснат. Значи, таа сума не се однесуваше само на Дино Мерлин. Со оглед на тоа што се појавија поделби во општеството и дека јавноста покажа голем интерес за оваа тема, сакам да нагласам дека цело време велев дека не сакам никакви поделби во општеството. Јасно го соопштив тоа и сè уште стојам зад тоа“, рече Шута.
Тој потврди дека разговарал и со менаџментот на пејачот, кој предложил да покрие дел од трошоците, проценети на околу 80.000 евра.
„Донесов одлука да не се потпише договорот со Дино Мерлин. Разговаравме и со неговиот менаџмент, кој понуди да покрие дел од трошоците, проценети на околу 80.000 евра. Но, лично донесов одлука да се откаже затоа што целата ситуација отиде во погрешен правец, а јавноста беше дезинформирана. Тука воопшто не се работеше за можноста за набавка на ПЕТ/КТ уред. Поради тоа, должен сум да ја известам јавноста дека договорот со Дино Мерлин нема да биде потпишан“, изјави градоначалникот.
Откажувањето доаѓа по силната реакција на граѓаните и петицијата со која беше побарано средствата планирани за концертот да се искористат за набавка на медицинска опрема за сплитската болница.





