Михаела Периш (25), сестрата на Кристијан Јосип Периш, кој на 21 октомври почина во психијатриската клиника „Јанкомир“ во Загреб, проговори за потресните моменти низ кои поминало семејството по неговата смрт, сомнежите што ги имале и она што, според нејзиното сведоштво, го забележале кога го виделе неговото тело.
Во разговор за „Јутарњи лист“, Михаела раскажала за информациите што ги добивале од медицинскиот персонал, за забележаните повреди и за обидите на семејството уште следниот ден да ја пријави смртта како сомнителна.
Кристијан, кого блиските го нарекувале Кике, во деновите пред смртта бил особено радосен бидејќи очекувал да стане татко.
„Се видовме во неделата и ми зборуваше колку ме сака. Беше навистина многу емотивен. Многу се радуваше што ќе стане татко“, раскажала Михаела.
Според нејзиното сведоштво, на 21 октомври Кристијан ѝ се јавил на мајка си од болницата, користејќи го телефонот на медицински техничар, и ѝ кажал дека постои можност да го пуштат дома.
Но, во 23:14 часот, Михаела добила телефонски повик од мајка си, која ѝ соопштила дека Кристијан починал.
Семејството веднаш заминало во клиниката во Јанкомир. Таму, како што раскажува Михаела, една докторка им објаснила дека Кристијан бил агресивен и дека престанал да дише откако му бил даден лек за смирување.
Првично, медицинскиот персонал не им дозволувал да го видат, со образложение дека се наоѓа во просторија во која има и други пациенти. Дури откако сестрата на Михаела, која е лекарка, разговарала со болницата, семејството добило дозвола да влезе.
Михаела тврди дека кога влегле во собата, Кристијан бил покриен со чаршаф, а неговата свршеница, која прва го видела, била во состојба на шок.
Таа раскажала дека кога го тргнала чаршафот, забележала повреди, меѓу кои ранички под устата, крв на забите и траги во пределот на вратот. Според она што им било објаснето, повредите биле поврзани со интубацијата.
Михаела наведува дека нивниот татко веднаш изразил сомнеж за тоа што се случило, додека мајката била во голема вознемиреност и барала објаснување од медицинскиот персонал.
Кога Михаела се обидела да добие дополнителни информации, друг лекар, според нејзиното сведоштво, ѝ одговорил дека докторката веќе им кажала сè.
Особено сомнително ѝ било однесувањето на лекарка која, како што тврди, првично кажала дека не ги знае деталите за смртта бидејќи штотуку пристигнала на ноќната смена. Подоцна, наводно, истата лекарка ѝ предложила да се сретнат на кафе во Сплит за да ѝ раскаже за денот што го поминала со Кристијан.
„Непосредно пред тоа рече дека штотуку дошла на смена. Значи, работите не се совпаѓаат“, изјавила Михаела, прашувајќи се дали медицинскиот персонал сметал дека семејството, поради потресот, нема да успее да ги поврзе информациите.
И покрај противењето на болничкиот персонал, Михаела направила фотографии од телото на брат ѝ. Според нејзините тврдења, на фотографиите се забележувале повреди на главата, траги во пределот на вратот и градниот кош. Во прелиминарниот судскомедицински извештај, како што наведува, биле забележани и траги од удари во пределот на градите.
Семејството уште на 22 октомври се обратило во полиција, со сомнеж за несовесно лекување со смртна последица. Ден подоцна, на 23 октомври, и нивниот адвокат поднел кривична пријава, барајќи да бидат зачувани и издвоени снимките од надзорните камери, како и да биде спроведен инспекциски надзор.
Михаела и нејзината друга сестра на 22 октомври повторно ја посетиле клиниката, со цел да ја побараат медицинската документација. Според нив, ги добиле личните работи на Кристијан и отпусното писмо, но не и извештајот од Итната медицинска помош. Им било кажано дека документацијата веќе е испратена во архивата.
Михаела го опишала брат ѝ како скромен човек, кој им помагал на лицата со попреченост, тренирал деца, свирел на неколку инструменти и секогаш бил подготвен да им помогне на сестрите.
„Со што и да се зафатеше, беше најдобар во тоа. Толку многу се радувавме што ќе станеме тетки. Знаевме дека ќе биде најдобриот татко. Сега го немаме ни тоа“, рекла таа.
Во меѓувреме, случајот доби и поширока истражна димензија. На снимки од надзорните камери, кои се предмет на истрагата, се забележуваат постапки на медицински персонал кон пациентот за време на интервенцијата, што предизвика сериозни сомнежи за начинот на кој било постапувано.
Четворица медицински техничари беа уапсени на почетокот на ноември поради сомнение за тешко убиство на особено ранлива личност.
На 16 ноември беа приведени уште четири лица – една лекарка, две медицински сестри и еден медицински техничар. Тие се осомничени за тешко убиство преку непостапување, односно пропуштање да преземат неопходни дејствија.
Против сите осомничени е покрената и постапка за вонредно раскинување на договорите за работа, а четворицата првично уапсени веќе добиле откази.








