Човечки фактор е причината за пожарот што денеска избувна на Одделот за ортопедија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Огнот бил предизвикан од отпушок од цигара, потврди директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски.
Откако од прозорците на болничкиот оддел почнал да излегува чад, веднаш била спроведена евакуација на пациентите и медицинскиот персонал, а на местото била повикана и Противпожарната бригада.
Директорот Стојаноски уверува дека ситуацијата е под контрола и дека нема опасност за здравјето и безбедноста на пациентите и вработените. Тој нагласил дека инцидентот е последица на неодговорно однесување.
Надлежните служби во моментов работат на утврдување на сите околности поврзани со пожарот. Засега нема дополнителни информации за точната локација на која избувнал огнот во рамките на одделот, ниту за евентуалната материјална штета.







