На 18 ноември во Скопје се одржа 21. Годишна конференција на МАСИТ – Македонската асоцијација за информатичко-комуникациски технологии, посветена на една од најактуелните технолошки теми, Agentic AI, и можностите што ги отвора новата генерација вештачка интелигенција.
Меѓу учесниците беше и проф. д-р Жан Митрев, кој го сподели своето долгогодишно професионално искуство во примената на современите технологии во медицината.

Митрев се осврна на почетоците на користењето интелигентни компјутерски системи за олеснување на административните и медицинските процеси. Како пример ја посочи подготовката на отпусни писма за пациентите, процес за кој пред три децении бил потребен и цел месец, додека денес во Клиника Жан Митрев е значително поедноставен благодарение на целосната дигитализација.

Посебно внимание привлече прашањето за улогата на вештачката интелигенција при поставувањето медицински дијагнози.
Проф. д-р Митрев истакна дека вештачката интелигенција уште долго време ќе остане алатка што им помага на лекарите да донесат најдобра одлука за секој пациент поединечно, нагласувајќи ја важноста на човечката проценка и медицинската експертиза.

Денес, Клиника Жан Митрев располага со сопствен интегриран систем преку кој медицинските апарати, опремата и различните процеси се меѓусебно поврзани и автоматизирани. Ваквиот пристап овозможува поефикасно управување со информациите, подобра организација и координација на медицинските услуги.

Учеството на проф. д-р Жан Митрев на конференцијата уште еднаш ја истакна важноста на технолошките иновации во здравството, покажувајќи дека нивната примена не е нов концепт, туку континуиран процес што се развива со децении.







