ПРВ.мк
Македонија

Исени на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“: Регионалната соработка е клучна за заштита на критичната инфраструктура

Исени на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“: Регионалната соработка е клучна за заштита на критичната инфраструктура

Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, учествуваше на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“, која од 18 до 20 ноември се одржа во Скопје во организација на регионални и меѓународни партнери, со фокус на современите безбедносни предизвици и зајакнувањето на стабилноста во регионот.

Исени беше говорник на петтата сесија од конференцијата, посветена на заштитата на критичната инфраструктура. На панелот се дискутираше за безбедносните ризици и закани насочени кон транспортните, енергетските и комуникациските системи, вклучително и кибернападите, тероризмот, саботажите, дезинформациите и другите облици на хибридни закани.

– Безбедноста на критичната инфраструктура претставува едно од клучните прашања за националната и регионалната стабилност, особено во услови на сè покомплексно безбедносно опкружување и растечки закани во сајбер-просторот – истакна заменик-министерот Исени во своето обраќање.

Тој нагласи дека Министерството за внатрешни работи континуирано ги зајакнува своите капацитети за превенција, откривање и справување со заканите по критичната инфраструктура, преку унапредување на проценката на ризиците, подобрување на оперативната подготвеност и интензивирање на соработката со надлежните институции и операторите.

Во своето излагање, Исени посебно се осврна на потребата од натамошен развој на капацитетите за сајбер-безбедност, навремена размена на информации и воспоставување ефикасни механизми за рано предупредување, како важни предуслови за спречување и намалување на потенцијалните ризици.

Осврнувајќи се на регионалната димензија на безбедносните предизвици, заменик-министерот посочи дека современите хибридни закани не познаваат државни граници, поради што е неопходна поблиска соработка меѓу земјите од Западен Балкан преку размена на искуства и добри практики, заеднички обуки и координирано институционално дејствување.

Исени ја истакна и важноста на поддршката од Европската Унија во процесот на усогласување со европските стандарди за заштита на критичната инфраструктура, сајбер-безбедност и управување со кризи, додавајќи дека зајакнувањето на националните капацитети, заедно со продлабочувањето на регионалната и меѓународната соработка, е од суштинско значење за градење поотпорен и побезбеден Западен Балкан.

Најнови вести