ПРВ.мк
Балкан

ПОТРЕСНО СВЕДОЧЕЊЕ НА МАЈКАТА НА ДАНКА ВО СУДНИЦАТА: Се гушеше во солзи пред обвинетите – еве кого видела на улицата пред капијата во кобниот момент!

ПОТРЕСНО СВЕДОЧЕЊЕ НА МАЈКАТА НА ДАНКА ВО СУДНИЦАТА: Се гушеше во солзи пред обвинетите – еве кого видела на улицата пред капијата во кобниот момент!

Ивана Илиќ, мајката на двегодишната Данка Илиќ, денес сведочеше во Вишиот суд во Неготин, на судењето против обвинетите за убиството на девојчето – Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ.

Како што пренесува „Курир“, Ивана Илиќ се гушела во солзи додека опишувала поради што тој кобен ден ги однела децата во Бањско Поле, како го поминувале времето во дворот, а го опишала и моментот кога сфатила дека Данка повеќе ја нема.

Ивана Илиќ објаснила дека пораснала во Бањско Поле и дека сакала и своите деца да ги однесе на местото за кое ја врзуваат убави спомени од детството.

– Постоеше можност да ги однесам в парк, но Данка проодуваше, а постариот син беше жилав и не смеев сама да одам со нив во паркот, а сопругот ми беше на работа. Одлуката да ги однесам во Бањско Поле ја донесов истиот ден, си играв со децата и го прашав постариот син дали сака да одиме малку да шутираме топка – го започнала сведочењето Ивана, нагласувајќи дека никој не влијаел на нејзината одлука.

Данка Илиќ исчезна на 26 март 2024 година. Ивана Илиќ тој ден од Бор со автомобил дошла со децата на имотот што му припаѓа на нејзиното семејство. Додека му давала вода на синот, ја испуштила Данка од вид и детето исчезнало без трага. Во обвинението на Вишото јавно обвинителство во Заечар против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ се наведува дека тие двајца ја сретнале на асфалтниот пат, на кој девојчето излегло, ја удриле со автомобил, ја внеле во возилото, ја задавиле и телото го фрлиле на депонија. Во обвинението се додава и дека телото два дена подоцна го преместиле на непозната локација.

Мајката на Данка зад судската говорница опишала и кога последен пат ја видела Данка.

– Последен пат ја видов Данка дека веќе тргнала да се качува на тоа ридче во дворот, за тоа време синот пиеше вода, според моја проценка тоа траеше околу три минути. Јас цело време гледав во синот и кога погледнав каде е Данка, повеќе не ја видов. Ја барав со поглед низ дворот, никаде не ја видов, па почнав да ја довикувам: „Данка, Данка“. Кога сфатив дека ја нема, му се јавив на сопругот и му реков: „Ја нема нашата Данка“, а тој ми рече да повикам полиција – раскажала Ивана низ солзи.

Мајката на девојчето навела дека потоа излегла на улица, каде што забележала бел автомобил во кој седел еден маж, додека другиот стоел кај капијата, свртен со грб.

– Не ги ни констатирав, не ни забележав кога влегле во автомобилот и си заминале. Бев фокусирана да ја најдам Данка. Малку потоа пристигнаа и мојот сопруг и полициски автомобил. На полицијата не ѝ ни кажав дека претходно сум видела некои луѓе на улицата, на тоа се сетив дури два дена подоцна – посведочила Ивана денес во судот.

На прашањето на обвинителот зошто не им се обратила на тие луѓе за помош, таа кратко одговорила: „Не ми падна на памет“.

Ивана истакнала и дека до тој ден немала непријатели, дека никој не ѝ се заканувал, ниту таа и сопругот некому му должеле пари. Зборувајќи за здравствената состојба на Данка, навела дека девојчето претходно имало епизоди на губење свест, поради што ја носеле на лекар и на невролог во Белград.

– Се случуваше кога плаче, кога ќе се зајде, да падне и да изгуби свест. Последен пат изгуби свест некаде во јануари 2024 година. Можело да се случи да изгуби свест и тој критичен ден, доколку се исплашила кога ја испуштив од вид – рекла мајката на девојчето.

За време на сведочењето на Ивана Илиќ во судницата биле и обвинетите Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, кои во неготинскиот Виш суд биле доведени од притвор со лисици на рацете. Тие вчера ја изнесоа одбраната пред судот и тврдеа дека не го убиле девојчето.