Министерството за внатрешни работи (МВР) упати апел до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност да обрнат посебно внимание на појавата позната како „764“ – насилна онлајн заедница чии членови ги таргетираат децата, малолетниците и други ранливи лица, со цел да манипулираат со нив, да ги заплашуваат и да ги принудуваат на опасни и насилни постапки.
На сериозноста на оваа појава предупредуваат и меѓународните безбедносни институции, меѓу кои и американското Федерално истражно биро (ФБИ), кое групата „764“ ја поврзува со пошироки нихилистички насилни екстремистички заедници и сродни групи. Апелот има превентивна цел – навремено информирање на јавноста за начините на дејствување на ваквите групи, ризиците на кои се изложени децата и можностите за нивна заштита.
Како функционира групата „764“?
Групата „764“ дејствува преку различни социјални мрежи, апликации за комуникација и платформи за онлајн игри. За воспоставување контакт со потенцијалните жртви, нејзините членови користат платформи како што се Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat, Reddit, X, Minecraft и Fortnite.
Најчесто контакт со децата и младите воспоставуваат претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос. Откако ќе ја стекнат нивната доверба, почнуваат со манипулации, закани и уцени, со цел да ги принудат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат постапки што можат да имаат животозагрозувачки последици. Материјалите што ќе ги добијат потоа ги користат како средство за дополнително заплашување, уцена и контрола врз жртвите, наведуваат од Министерството за внатрешни работи.
На кои знаци родителите треба да обрнат внимание?
МВР апелира до родителите и старателите да обрнат посебно внимание на евентуалните промени во однесувањето на децата, како што се:
- Изненадувачки промени во однесувањето, повлекување во себе, страв, вознемиреност или раздразливост;
- Зголемена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот;
- Интензивна комуникација со непознати лица преку социјалните мрежи и платформите за онлајн игри;
- Примање заканувачки пораки, уцени или барања за испраќање фотографии и видеоснимки;
- Необјасниви повреди, посекотини, гребаници или други можни знаци на самоповредување;
- Изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство.
Овие промени не мора нужно да значат дека детето е жртва на ваква група, но доколку се забележат, важно е да не се игнорираат. Неопходни се внимателен пристап, отворен разговор со детето и, доколку постои сомнеж за злоупотреба, навремена реакција, истакнуваат од Министерството.
Како да ги заштитите децата?
Од Министерството наведуваат дека родителите треба редовно да разговараат со децата за нивните активности на интернет, да покажуваат интерес за тоа со кого комуницираат и какви содржини следат, како и да ги едуцираат за ризиците од споделување лични податоци, лозинки, интимни фотографии и видеоснимки со непознати лица.
Особено е важно децата да знаат дека, доколку некој ги уценува, заплашува или манипулира со нив, треба веднаш да побараат помош од родителите, старателите, наставниците или надлежните институции. Децата не треба да се чувствуваат виновни ниту да се плашат да пријават вакви случаи, без оглед на околностите, нагласуваат од МВР.
Пријавете секој сомнеж или случај!
Доколку имате сознанија, информации или сомнеж за активности поврзани со групата „764“ или други слични насилни онлајн групи, пријавете ги во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, на е-поштата: [email protected].
Од МВР даваат и неколку клучни насоки доколку се соочите со ваков случај:
- Доколку располагате со информации што можат да помогнат во постапувањето, зачувајте ги пораките, корисничките имиња, линковите и другите релевантни податоци;
- Не стапувајте во судир со лицата кои упатуваат закани и не преземајте чекори со кои би можеле дополнително да ја загрозите безбедноста на детето;
- Не преземајте ниту препраќајте експлицитни материјали на кои се прикажани малолетници.
– Заштитата на децата од онлајн злоупотреба е заедничка одговорност на сите нас. Навременото препознавање на опасноста, отворениот разговор со децата и пријавувањето на сомнителните активности можат да спречат сериозни последици и да спасат животи. МВР апелира – бидете внимателни, разговарајте со децата и пријавете секоја сомнителна активност – се наведува во соопштението.




