Окружниот суд во Шибеник, Хрватска, го осуди Кристијан Алексиќ на единствена казна од 40 години затвор за убиството на 19-годишниот матурант Лука Миловац во Дрниш, како и за две кривични дела поврзани со оружје.
Миловац бил доставувач на храна, а бил убиен во мај годинава откако пристигнал во домот на Алексиќ за да ја достави нарачката.
Алексиќ на почетокот на судењето признал вина за убиството. Пред судот објаснил дека имал сериозни финансиски проблеми и долгови и дека сакал да изврши тешко кривично дело за да заврши во затвор.
Покрај казната за убиството, судот му изрекол и две одделни затворски казни од по две и три години за кривични дела поврзани со оружје. Едното се однесува на оружје кое Алексиќ го направил неколку години пред убиството, додека другото е поврзано со оружје што го изработил во 2023 година, а подоцна го употребил при нападот врз Миловац.
Судот му наложил и да му исплати 50.000 евра на семејството на убиениот, како и да ги надомести трошоците на судската постапка. Притворот му е продолжен до правосилноста на пресудата.
На рочиштето било прикажано и видео од неговото сведочење пред обвинителството. Во него Алексиќ навел дека немал однапред одредена конкретна жртва, туку дека сакал да нападне кој било доставувач кој ќе се појави пред неговата врата.
Според неговото сведочење, претходно неколкупати нарачувал храна за доставувачите да немаат причина да се посомневаат во неговите намери.
Во кобната вечер пристигнале двајца млади доставувачи. Алексиќ рекол дека планирал едниот да го нападне со огнено оружје, а другиот со нож.
При нападот, 19-годишниот Лука Миловац бил смртно застрелан, додека неговиот пријател успеал да избега.
По убиството, Алексиќ побегнал од местото, но полицијата го пронашла и го уапсила следниот ден.
На судењето тој изјавил дека не чувствува каење за убиството, а како што пренесуваат хрватските медиуми, дури рекол дека жали само поради тоа што ги искинал чизмите додека бегал.
Алексиќ појаснил дека живеел во тешки околности поради натрупаните долгови и дека одлуката за извршување на кривичното дело ја донел со намера да биде испратен во затвор.









