Трагичен настан се случил вчера во селото Ораовица, Радовишко, каде 77-годишен жител на Радовиш го загубил животот откако бил погоден од гранка при сечење топола.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека околу 10:30 часот, на нива во атарот на село Ораовица, Т.Б. (73) од Радовиш со моторна пила сечел топола. Откако дрвото паднало, една од гранките го погодила Н.Т. (77) од Радовиш, кој заедно со 73-годишникот бил на нивата.
Н.Т. се здобил со повреди од кои починал на самото место. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош од Радовиш.
По настанот, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Радовиш го лишиле од слобода Т.Б. (73).
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција, а полицијата презема дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.









