Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде со раководствата разговарал за безбедносната состојба, тековните активности и приоритетите на полициските служби.
Во СВР Охрид, една од главните теми биле подготовките за ставање во функција на командниот центар неопходен за функционирањето на системот „Безбеден град“.
Според информациите што ги соопштил Тошковски, подготовките се во завршна фаза, а се очекува системот да започне со работа на 12 октомври на целото подрачје што го покрива СВР Охрид.
Со проширувањето ќе бидат опфатени Охрид, Струга, Кичево и Дебар, а во наредните две недели треба да се реализираат преостанатите активности потребни за целосно ставање на системот во функција.
На работните состаноци било разговарано и за повеќе безбедносни прашања, меѓу кои борбата против криминалот и корупцијата, спречувањето на нелегалната трговија и дистрибуцијата на дрога, одржувањето на јавниот ред и мир, како и зголемувањето на безбедноста во сообраќајот.
Во Регионалниот центар за гранични работи Запад, Тошковски информирал и за проширувањето на соработката со европската агенција ФРОНТЕКС.
Активностите на ФРОНТЕКС, кои досега се спроведуваат на јужната граница, според најавата ќе бидат проширени и на западната граница. Заедничките активности се очекува да започнат на почетокот на идната година.
Целта на проширувањето е обезбедување дополнителни капацитети и подобра контрола на западната граница, особено во делот кон Албанија.
Од Министерството за внатрешни работи наведуваат дека продолжуваат активностите насочени кон модернизација на полициското работење, зајакнување на граничната безбедност и унапредување на капацитетите на полициските служби.






